Вајлдер: Реванш со Фјури, друго не ме интересира

Дионтеј Вајлдер отворено порача дека не го интересира ниту една друга борба освен реванш со Тајсон Фјури.

По спектакуларната борба во саботата навечер, Вајлдер изјави дека „само Бог знае“ како Фјури успеа да стане по нокаутот во 12. рунда, како и дека смета дека заслужил да победи.

„Само Бог знае како Тајсон стана по нокаутот во 12. рунда. Можеби и броењето беше побавно, но не се жалам. Донесовме страст во боксот во тешка категорија, а Тајсон некако преживеа и се врати од пеколот. Некој смета дека јас заслужив да победам, друг дека тој заслужил, а трет дека ремито било најфер одлука. Не заборавајте, јас сум многу полесен и многу од неговите удари беа слаби. Јас напаѓав и по мое мислење, мислам дека требаше да победам“, истакна Вајлдер.

Потоа американскиот боксер уште еднаш повтори дека не го интересира ниту една друга борба, нагласувајќи дека тие двајца го вратиле овој спорт – боксот, каде што припаѓа.

„Сакам реванш пред било која друга борба и никој не доаѓа во предвид. Тоа е единственото исправно решение и единствената добра работа за овој спорт. Подготвен сум да се борам кога ќе сака тој. Сакам на навивачите да им го дадам тоа што го сакаат и да завршиме со оваа приказна еднаш засекогаш. Не сакам ниту една друга борба пред нашата“, порача Вајлдер.

Вајлдер долго време го обвинуваше Антони Џошуа дека бега од дуел со него, но сега Вајлдер е тој што ќе го одбие.

„Конечно Џошуа престана да се крие. Мислеа дека можат да поставуваат услови какви сакаат. Имаа четири месеци, егото им велеше дека е подобро да се борат со второкласни борци. Од друга страна, јас и Фјури го направивме овој спорт голем. Затоа, само борба со Фјури доаѓа во предвид, и ниту една друга“, порача WBC шампионот во тешка категорија – Дионтеј Вајлдер.

 

- Реклама -