Сите индикатори упатуваат на тоа дека на Груевски му е одобрен азил во Унгарија

Иако сé уште нема официјална потврда, речиси повеќе од сигурно е дека на Груевски му е одобрен азилот во Унгарија, проценуваат речиси сите унгарски медиуми, темелејќи ги своите заклучоци врз основа на неофицијални извори од Канцеларијата за миграции на Унгарија и останатите надлежни унгарски институции. Веста дека Груевски добил азил ја пренесе и албанската новинска агенција ИНА.

Еден од индикаторите дека азилот е одобрен е брзината со која е донесена одлуката по поднесеното барање на Груевски, пренесува МКД.мк. Другиот индикатор дека Груевски стана ВИП азилант во Унгарија, пишува АКО.мк, е директното вмешување на Будимпешта во внатрешните односи на Македонија, со самото тоа што Груевски до Унгарија е спроведен, според сознанијата, инкогнито и со унгарско дипломатско возило, а во придружба на две лица со унгарско државјанство, како што соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ.

Кон тоа дека азилот на Груевски му е одобрен, барем делумно натежнува и изјавата на шефот на кабинетот на унгарскиот премиер – Гергели Гулаш, кој изрази сомневање дека Груевски добил фер судење при изрекувањето на двегодишната затворска казна. Одговарајќи на пратеничко прашање, тој рекол дека иако принципот на безбедна земја е важен (Србија, од која Груевски поминал во Унгарија, се смета за безбедна земја), но дека при разгледување на барањето за азил на Груевски треба да се земат предвид и условите во македонските затвори, како и ситуацијата со македонското правосудство, кои добиваат лоши оценки во извештаите на Европската комисија и Советот на Европа, пренесува СДК.мк.

Азил или не, Македонија секако ќе бара екстрадиција.

 

- Реклама -