ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата, комисијата препорача одземање на мандатот на Груевски

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија комисиската расправа за одземање на мандатот и пратеничкиот имунитет на Никола Груевски.

Според Трајко Вељаноски, станува збор за политички монтиран процес и со ова врши политички притисок врз правосудството. Поранешниот претседател на Собранието обвини и дека ова е првпат во парламентарната историја да се одзема мандат врз основа на пресуда во која нема никаков доказ дека осудениот има земено пари или дека ја злоупотребил службената положба.

По неговото излагање, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.

Исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, пак, кои формираа независна пратеничка група, сметаат дека седницата за одземање на мандатот на Груевски е избрзана и се изјаснија против таквата одлука.

Сепак, со мнозинство од 5 гласа „за“, Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го прогласи експремиерот Никола Груевски за недостоен за вршење на пратеничката функција, и одлучи да му предложи на Собранието да гласа за одземање на неговиот мандат.

Барањето Собранието ќе треба да го разгледа веќе на првата наредна пленарна седница.

- Реклама -