Throttle/Brake – епизода 84: Porsche 911 од бајките – Singer или RAUH-Welt Begriff?

„Убавината доаѓа од функционалноста“ – Фердинанд Порше.

Доколку редовно ги следите моите “колумни”, сигурно досега ви е јасно дека сум Porsche фанатик. Особено сум индоктриниран со безвременската идеја за моделот 911. Генерално, за Porsche, сум објективен и критичен по потреба. Мојата најголема критика кон гигантот од Штутгарт е насочена кон моделите на Cayman, од кои само GT4 е поштеден. Зборот ми беше…

Модифицирањето на спортските автомобили или “тјунингот” е занает стар исто колку и спортските автомобили. Од секогаш имало бунтовници на кои им фалела брзина, изглед или обете, па се одлучувале на делумни или сериозни модификации на автомобилите. Кон крајот на осумдесеттите, тјунигот е во неверојатна експанзија во Јапонија. На стариот континент, работите се одвиваа многу побавно, бидејќи спортските автомобили беа многу поскапи од јапонските, а и реално ништо не им недостасуваше. Но “бунтовници без причина” имало од секогаш. Во оваа епизода ќе се запознаете со ликот и делото на двајца бунтовници без причина, едниот од Калифорнија, а другиот од Јапонија. И двајцата ги спојува љубовта кон Porsche 911.

Singer Vehicle Design

Singer Phoenix

Во 2004-та, еден ентузијаст од Калифорнија чие име е Роб Дикинсон, решава своето винтаж Porsche 911 (964) да го “дотера” по свој мерак. Роб е инаку поранешен музичар (вокалист) од бендот Catherine Wheel. Возејќи се со своето “скоцкано” Порше 911 низ улиците на Холивуд, почнал да ги мами погледите на многу холивудски ѕвезди и продуценти, кои барале од Роб да им го продаде своето Порше од соништата. Тој за да ги откачи, им велел дека може да им направи таков автомобил доколку сакаат, при што добил значителен број на “порачки”. Набргу потоа, златното Порше 911 на Роб, се појавува и во неколку истакнати автомобилски магазини, и по се изгледа на Роб му светнало дека треба да престане да пее.
Така и направил. Во 2008-та година, Роб Дикинсон го остава микрофонот и ја основа компанијата Singer Vehicle Design.

Првото златно Porsche 911 (964) Роб Дикинсон.

Од каде доаѓа инспирацијата за името Singer? Сигурно не од машините за шиење! Името Singer е омаж на истакнатиот инженер на Porsche, Норберт Сингер, и претходната професија на Роб, пејач (singer). Интересно. Уште поинтересно е и мотото на компанијата од Калифорнија, кое гласи “Се е битно” или “Everything is important “, и алудира дури и на најситните детали. Замислете, на почетокот им (Singer Vehicle Design) требале цели две години, само за да го оптимизираат внатрешниот дел на крилата (кај нас овој дел е познат под името полумесец) на моделот 964, за да може автомобилот природно да легне на 17”инчните тркала. Да напоменам дека Singer работат само на генерацијата 964, односно автомобилите произведени од 1989 до 1994, и концептот е секој Singer да изгледа и биде како вистински 911, што во суштина и е. Singer 911 не е ретро носталгија, туку оптимизиран винтаж артефакт. Кога велам “оптимизиран”, мислам на многу карбон фибер и мотори со воздушно ладење доработени од Cosworth и Williams.

Најновото ремек дело на Singer и Williams, со 500 коњски сили и Formula 1 ДНК.

^ На видеото: Singer Williams DLS

Како се прави еден Singer 911?

Најпрво, клиентот префрлува 350-800 илјади долари на сметката на компанијата, го носи своето старо 911 (964) во погоните на Singer, и си кажува како ја замислува својата перфектна винтаж 911-ка. Неколку идеи фрлаат и луѓето од Singer, и кога ќе се најдат на сред пат, работата започнува. Однадвор, сите панели, со исклучок на вратите, се направени од карбон фибер. Следува неверојатната мајсторија за фарбање на автомобилот во светли, најчесто пастелни пригушени бои, во комбинација со многу детали облеани во никел. Одзади, под хаубата, по ваша желба може да чука оригиналниот 3.6 литарски Touring со воздушно ладење и шест цилиндри во линија со 300 коњски сили, 3.9 литарскиот Sport со истата конфигурација и 350-360 коњски сили, или 3.9/4.0 литарскиот Cupи доработен и засилен од Williams кој произведува повеќе 400 коњски сили. На него е монтиран шест степен мануелен менувач, со пократок пренос, со цел да се зачува стилот на возење од постарите буцкасти 911-ки. Внатре, задолжителни материјали се карбон фибер, алкантара, префинета кожа и вовен кожа во седиштата и инструмент таблата, која го зачинува винтажот. Задолжителен е и заштитниот тркачки кафез, и портокаловиот мерач на вртежи во минута, кој мери до 11.000.

Иако делува префинето, Stinger 911 е навистина брз и агилен спортски автомобил. За тоа колку е брз, говори и податокот дека на патеката на Top Gear, оваа убавица е побрза од Ferrari 430. Од нула до стотка најсилниот Singer забрзува за 4,5 секунди, и достигнува максимална брзина од 280 километри на час. Ирелевантно е да ве гњавам за брзината, кога се потребни околу работни 4000 саати за Porsche 911 да еволуира во Stinger. Без машини и роботи, само човечка вешта рака и алат. Сега почнувам да сфаќам зошто чини 800 илјади долари, плус цената за автомобилот донор.

Singer Le Mans
Singer Colorado Springs
Singer San Juan
Singer San Diego
Singer Hong Kong 1

RAUH-Welt Begriff

Најпрво, што значи ова чудно име? RAUH-Welt на германски значи “груб свет”, а Begriff стои за “концепт”. Бидејќи RAUH-Welt Begriff е долго и комплицорано име, во продолжение ќе ја користам официјалната кратенка RWB. Што е RWB?

Колку и да ви звучи германски, RWB е јапонска човек-фирма кој радикално ги разубавува постарите модели на Porsche 911. Човекот позади овие чудни германски зборови е Акира Накаи или нагалено Накаи-Сан. Пред да се заљуби во Porsche 911, Накаи-Сан бил дел од дрифтерска “банда” која го носела името “Груб Свет”, и возел и тјунирал Toyota AE86 Hachi-Roku. Се до доцните деведесетти, тој немал никаков контакт со 911-ки, се до денот кога во неговата работилница се запознава со удрено Porsche 911 (930) и љубовта настапила на прва. Набрзо по таа средба, на возраст од 28 години, Накаи-Сан го купува своето прво Porsche 911 од генерацијата 930. По извесно време решава “малку” да го промени изгледот, и го создава најконтроверзниот Порше автомобил, RWB Stella Artois. Останатото е историја. Бај д веј, Стела е неговото омилено пиво.

Накаи-Сан и неговиот RWB Stella Artois.

RWB како тјунерска фирма официјално започнува со работа во 2002 година. Досега Накаи-Сан има конвертирано стотина 911-ки. Се што е поврзано со овој бренд е уникатно и единствено. Сите RWB автомобили ги конвертира Накаи-Сан. Се прашувате би изгледало едно RWB искуство? Да речеме, имате Porsche 911 (930, 964 или 993) и сакате да го конвертирате во RWB. Го контактирате Накаи-Сан, на сметка му префрлувате 22 илјади долари (за китот), плус 11 илјади ако ги сакате неговите тркала и тркачка суспензија. Тој доаѓа кај вас, го пречекувате на аеродром, пали цигара и се фаќа за работа. Му требаат два-три дена за да “дотера” еден автомобил. Накаи-Сан е страствен пушач, и додека работи сака да си земе пауза и да испие шише Coca-Cola со некоја цигара.

Од технички и естетски аспект, секое RWB Порше има свој уникатен карактер и особини. Накаи-Сан не ги засилува моторите на Поршињата на кои работи, туку ги дотерува однадвор и додава некои ситни детали во внатрешноста, но знае да направи исклучок и да чепне некој мотор по барање на сопственикот. Кога ќе заврши со конверзијата, лично ги тестира своите креации и на крајот им дава one-off имиња. Крајниот резултат е перфектен радикален евро-јапонски микс, кој никого не остава рамнодушен. Порше и RWB се поврзани на начинот на кој се поврзани Кларк Кент и Супермен.

^ На видеото: Накаи-Сан во акција

Колку би ве чинело едно RWB Порше? Земајќи го впредвид фактот дека најевтината 911-ка (964) која ја најдов на интернет беше нешто ситно под 50 илјади евра за купе (Cabrio варијантата е малку поевтина), плус 28 илјади евра за работната рака на Накаи-Сан и додатоците, тоа се некои 80 илјади евра. Дали вреди? Секое евро! Што се 80 илјади за уникатно уметничко дело на четири тркала? За вашиот автомобил од соништата? Домо Аригато Накаи-Сан! どうもありがとう

Singer или RAUH-Welt Begriff?

За мене, овие креации се уметнички дела кои припаѓаат на два различни правци. Singer е романтизам, а RWB гротескна од надреализам. Едниот е префинет, кој на секого му се допаѓа, додека другиот е спартанец кој ретко кој го разбира. Кога би располагал со потребните средства, би ги поседувал двата автомобили, и точно знам како, кога и каде би ги уживал. Додека Singer е сон кој котира високо на “Топ листа надреалиста”, RWB е сон кој со “малку” труд, можете да го сонувате на јаве.

RWB Furusato

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -