Throttle/Brake – епизода 83: Битка на Титаните – Bugatti Divo vs McLaren Speedtail

СПОДЕЛЕТЕ

Пред десеттина години, во тринаесеттата сезона на Top Gear, во втората епизода, во Абу Даби се сретнаа најдобриот автомобил на сите времиња и првиот сериски автомобил кој ја надмина границата од 400 километри на час и 1000 коњски сили. Ги одмерија силите, иако McLaren F1 беше повеќе од една деценија постар од најбрзиот автомобил на светот. Во драматичен фото-финиш, со предност од помалку од половина секунда, победи Bugatti Veyron. Во тој момент, McLaren F1 стана најдобриот автомобил на сите времиња.

^ Култната сцена на Top Gear: McLaren F1 vs Bugatti Veyron

Поминаа десет години од култната сцена на Top Gear, и дојде време за нов судир на автомобилските титани. Овојпат, главните улоги ќе ги толкуваат нивните реинкарнации, Bugatti Divo и McLaren Speedtail.

Bugatti Divo

Можниот изглед на Bugatti Divo?!

Неодамна за време на тестирање на патеката Нурбургринг Нордшлаифе, беа забележани два налик Bugatti Chiron автомобили. За едниот сум сигурен дека беше Chiron, но другиот автомобил, кој беше камуфлиран, остана енигма. Ден-два потоа, Bugatti најавија дека на 24-ти август во Пебл Бич, Калифорнија, ќе го претстават супер лимитираниот модел Divo, кој ќе биде пософистицирана верзија на Chiron, замислете. И, сијаличката светна, еден плус еден се два. Камуфлираниот автомобил всушност бил Divo. Што е Bugatti Divo? Лимитирана, побрза и тркачки ориентирана верзија на Chiron, со многу повеќе аеродинамика и даунфорс (во македонскиот литературен јазик нема адекватен превод на овој збор, кој ја означува силата која го притиска автомобилот кон подлогата). Но колку “тркачки” ориентиран може да биде автомобил од два тони? Според зборовите на Стефан Вилкенман, автомобилот ќе биде значително полесен од постоечкиот Chiron, а притоа ќе го има препознатливиот Bugatti карактер. Да не заобиколувам, очекувајте автомобил кој ќе биде симбиоза од Chiron и Bugatti Vision Gran Turismo. Ќе си дозволам да карикирам, тоа се максимум 200 килограми, ако целата внатрешност, тркала, надворешни панели, сопирачки и издувен систем бидат направени од карбон фибер. Хмм…

Се сеќавате кога за првпат се појави Chiron, Германците со француско потекло горделиво тврдеа дека 500 километри на час со нивниот миленик се теоретски достапни, но сегашните пневматици не им ги дозволуваат тие височини. Нивните симулаторски шпекулации станаа многу поубедливи, кога Bugatti Chiron стана најбрзиот автомобил во светот кој патувал од место на мирување до 400 километри на час и назад (0-400-0). Но потоа се појави Koenigsegg Agera RS, и се се сруши како кула од карти. На сите ни стана јасно дека проблемот не е во пневматиците. Од тука се поставува прашањето, дали Divo ќе ги достигне тие височини? Каде има downforce, нема максимални брзини, но има подобро забрзување. Да не заборавиме дека Bugatti ќе извлечат повеќе од 1500 коњски сили од 8.0 литарскиот W16, со четири турбо полначи, и дека целата таа сила се пренесува на сите четири тркала. Или можеби само на задните тркала? Дали ваква конфигурација во корелација со беспрекорна активна аеродинамика, е новата форма и тајната за “значително” намалената маса на Divo за кои зборуваше Вилкенман? Погледнете ги резултатите на McLaren 720S (автомобил со погон на задните тркала) и ќе видите на што целам.

Многумина од вас се прашуваат од каде е името Divo? Во чест на тркачот на Bugatti од дваесеттите години од минатиот, Алберт Диво. Уште еден показател за тркачкиот карактер на автомобилот кој сите го очекуваме. McLaren го има Senna, а Bugatti ќе го има Divo. Незнам за вас, но јас во сите детали кои беа досега објавени за Bugatti Divo, гледам McLaren филозофија. Од фонтот на буквите до концептот на целиот автомобил. Ќе бидат направени само 40 автомобили, а секој ќе чини 5 милиони евра без давачки.

Bugatti Vision Gran Turismo
Divo во фаза на тестирање
Дел од внатрешноста на новиот Bugatti Divo.
Преден карбонски сплитер.
Задните светла на Bugatti Divo.
Работна скица од архивите на Bugatti за моделот Divo. McLaren Speedtail

Знаете ли која е причината за “смртта” на францускиот (сега е германски) Bugatti? McLaren F1! На почетокот на деведесеттите, Bugatti го претстави првиот хипер автомобил, EB110/SS, кој имаше се што еден хипер автомобил од таа ера требаше да има. И повеќе од тоа. Достигнуваше максимална брзина од 360 километри на час, и беше возен од Михаел Шумахер. По неколкуте успешни сезони во Formula 1, Адријан Њуи во соработка McLaren, го прават моделот F1 и одеднаш сите заборавија на најдоброто од Bugatti. Не дека EB110 не беше добар, напротив, но F1 беше скоро совршен. За волја на вистината, McLaren F1 и по 25 години, е сеуште најбрзиот атмосферски напојуван автомобил во светот, и според многумина, вклучувајќи ме и мене самиот, најдобриот автомобил на сите времиња.

Нараквицата е фрлена кон Bugatti и се е спремно за спиритуалниот наследник на F1, McLaren Speedtail, и најголемиот конкурент на Chiron и Divo, кој треба да се појави бо октомври. На почетокот го знаевме како BP23 (Bespoke Project 2 со 3 седишта) што веднаш алудираше на автомобилот од раните деведесетти. Сега кога го знаеме неговото официјално име (Speedtail), знаеме и некои официјални бројки и информации. Исто како и неговиот спиритуален претходник, ќе бидат направени само 106 примероци. Официјално, овој хипер GT ќе ја надмине максималната брзина од 391 километри на час (243 милји на час) на McLaren F1, и ќе биде најбрзиот McLaren автомобил. Чекај малку, што е хипер GT? Според тврдењата на луѓето од Вокинг, првиот хипер GT ќе биде ултра луксузен гранд турер (GT) со неверојатно забрзување и максимална брзина од преку 400 километри на час, но во исто време ќе биде многу удобен и подобен за долги патувања. Карактерот на стенд бај, бидејќи сакам да ви го доловам изгледот на Speedtail. Тотално спротивно од “функционалниот” Senna, Speedtail ќе биде долг, со нежни префинети линии кои ќе го сечат воздухот онолку колку што ќе му треба за да остане на подлогата при брзина од 400 километри на час. Значи нема да биде даунфорс крал за тркачки патеки и ќе биде убав. Во кабината ќе има три седишта, каде што возачот ќе седи во средината, а патниците малку во позадина, лево и десно од него. Издувните цевки повторно ќе бидат сместени што поблиску до моторот и повисоко, каде што завршува поклопецот на моторот. Speedtail ќе припаѓа на Ultimate Series програмата на McLaren, па затоа MSO (McLaren Special Operations) ќе се погрижат за секој од 106-те автомобили да бидат во склад со желбите и идеите на сопствениците.

Рендер за можниот изглед на Speedtail.

Што ќе има под хаубата? Speedtail ќе биде придвижуван од бензиско-електрична хибридна единица, најверојатно 4.0 литарски V8 во симбиоза со електро мотори. Дали моторот ќе биде помогнат од турбо полначи, или ќе останат верни на атмосферското напојување на F1, и ќе го зголемат волуменот на агрегатот, сеуште незнам, но McLaren и се е можно. Цената за најбрзиот McLaren досега ќе изнесува 1.8 милиони евра без давачки.

Момент на вистината: Divo/Chiron или McLaren Speedtail? За 5 милиони евра добивате дериват од Chiron, кој целеше многу високо, но потфрли. За 1.8 милиони, ќе добиете ДНК од најдобриот автомобил на сите времиња, најдоброто од McLaren, максимална брзина и забрзување како на Chiron (или подобро), ексклузивитет од само 106 примероци со три седишта, и генерално подобар автомобил. Доколку би бил во можност да одберам помеѓу овие два титани, би го одбрал McLaren Speedtail.

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ