Да не ги мислите, и последните четворица нуркачи излегоа од пештерата (фото)

Не дека се правиме светци, ама малку нé загрижи повикот на Фејсбук страната на тајландските морнарички „Фоки“ од пред неколку часа, додека сé уште ги чекаа последните тројца нуркачи и докторот да излезат од пештерата.

Во тој пост, „Фоките“ побараа заедно да им пратиме „најдобри желби“ (да им посакаме среќа) на преостанатите четворица кои речиси целото време ги придружуваа децата во пештерата, а во тој момент беа на пат кон излезот.

Можеби беше само проблематичен превод или наша параноја, но заедно со фактот дека вниманието беше фокусирано кон одличната вест дека сите деца се спасени, како и опаѓањето на темпото со кое пристигнуваа информациите од терен, сметаме дека оправдано почна да нé јаде црвот дека сепак на крајот нешто ќе тргне на лошо. Сепак, кои беа шансите сé да помине совршено?

Веќе воопшто не е важно, зашто сега и последните четворица спасувачи/специјалци се на безбедно. Тоа го потврдија и „Фоките“ на истиот тој профил што ни го подгреа стравот, и тоа со опасно триумфална (заслужено) фотка.

Со други зборови, сé помина совршено и како подмачкано, што е дури и неверојатно. И самите „Фоки“ се почудија (додуша уште пред да излезат последните четворица нуркачи) на исходот.

„Не сме сигурни дали е чудо, наука, или што е. Сите тринаесет ‘Диви свињи’ сега се надвор од  пештерата“.

Ќе биде ова приказна за која допрва ќе слушаме детали. А сигурно ќе гледаме и филмови.

- Реклама -