На Салах ќе му подарат света земја. Ако не тоа, тогаш џамија

Египјанецот Мо(хамед) Салах сезонава игра како благословен од некакви митски фудбалски божества и заслужено е избран за најдобар играч во англиската Премиерлига. Ако продолжи да игра вака, доста е веројатно и дека ќе ја освои Златната топка на крајот на годината.

Награди и признанија му крчкаат и на другата страна на светот, а за тоа најдобро зборува решеноста на Фахд Ал-Руки, потпретседателот на општината Мека – светата престолнина на исламот, да му додели земјиште на Салах во светиот град. Со тоа сака да му оддаде признание на фудбалерот за сето она што го прави за арапскиот народ.

Се разбира, претходно тоа ќе треба да го одобри Саудиска Арабија, а и самиот Салах да ја прифати таквата награда. Ако тоа не се случи, Ал-Руки планира во Мека да изградат џамија во негово име.

Конечниот збор ќе го има Салах на наскоро планираниот разговор.

- Реклама -