Пролетната детоксикација на организмот е измама

СПОДЕЛЕТЕ

Можете да се полакомите на ветувањата на индустријата за храна и велнес и нивните понуди од „магични“ формули за детоксикација на организмот, која како што велат ви е најпотребна баш во пролет, но исходот од тоа веројатно ќе биде само попразен џеб. Нема да извлечете никаков вистински бенефит од таквите таблети, напитоци и третмани, а некои од процедурите за чистење на организмот можат дури и да ви наштетат, тврдат лекарите.

Секој сериозен во светот на медицината, фармацијата и сé поприсутната антиејџинг медицина, ќе ви каже дека детоксикацијата всушност е чиста измама, освен кога се работи за медицинско лечење на болни од зависност од наркотици, која им го загрозува животот.

За сé останато, помош на организмот во наводното чистење од токсините не му е потребна. Организмот тоа го прави сам. Хемичарката Пикси Тарнер, во авторскиот текст за Daily Mail, зборува за тоа што денес малкумина се подготвени да го кажат, а е правата вистина.

„Колку пати сте чуле/прочитале некој да говори за ‘чуда’ од производи кои прават ‘детоксикација на целото тело’, или за совети кои препорачуваат ‘пролетна детоксикација’? Да тргнеме со ред. Прво од чистењето со сокови. Ви велат дека морате да ги консумирате неколку дена, и тоа само сок. Тие сокови, тврдат тие, мораат задолжително да се органски, ладно цедени… Тогаш тие истите ќе ви напоменат како тие сокови ќе ги ‘хидрираат нашите клетки’, ќе направат ‘нашата кожа да сјае’, но и ќе ви помогнат да намалите килограми, а да добиете на енергија“, почнува Тарнер.

Диетата со сокови слаби со влакна, тврди таа, може да биде богата со шеќери и е многу сиромашна со протеини. Недостатокот од натриум, на пример, може да предизвика и вртоглавица.

„Ако пиете чист сок од зеленчук овде целосно ќе ви недостасуваат јаглени хидрати, поради што ќе се чувствувате уморно, целосно спротивно на она што ви го ветиле“, тврди таа. „Исто така на удар е и вашиот паричник, а ништо од тоа не води кон долгорочно усвојување на конкретната позитивна навика во животот. Дури и ако ги користите да ја намалите тежината, килограмите пак ќе се вратат кога ќе се вратите на нормалната исхрана.

А па онаа приказната за чашата вода со лимон… Демек инфузија која се препорачува од многу заговорници на здрава исхрана… Тврдат дека таа вода ќе ви ги ‘испере токсините’ и ќе ви го разбуди ‘црниот дроб’. Да разјасниме: На вашиот црн дроб не му е потребно никакво будење. Кога и вашиот црн дроб би заминал на спиење, макар кратко како и вие, вие веројатно веќе не би се разбудиле“.

Професор по комплементарна медицина на универзитетот Екстер во текст за британски Guardian, практично го потврдува претходно реченото. Тој пишува: „Кога отровите навистина би се таложеле во телото на начин да не може да ги исфрли, вие би биле или мртви, или би ви била потребна сериозна медицинска интервенција“.

Кетрин Колинс, диететичар од болницата Сент Џорџ, смета дека максимално чистење на организмот достигнуваме ако не пушиме, ако вежбаме, и ако уживаме во здрава и избалансирана исхрана, како што е медитеранската, на пример.

Што се однесува до „магичните рецепти за детокс“, тврдат светските експерти, тие се само трка за профит, и тоа доста успешна, и покрај тоа што самиот псевдомедицински концепт на детоксикација е целосно бесмислен.

Сузан Меркант Хејкокс, психолог од Лондон, смета дека денес е тешко да се разбијат митовите во врска со тој процес. Луѓето лесно завршуваат заведени од лажните ветувања, а на крајот самите тие се одговорни за своите одлуки и ги фрлаат своите пари.

Експертите наведуваат некои од најчестите ЗАБЛУДИ околу детоксикацијата:

Топла вода со лимон

Нема никакви научни причини за наутро, веднаш по будењето, да се пие топла вода со лимон. Така ниту ќе го забрзате метаболизмот, ниту ќе го „прочистите“ телото. Но затоа, како што предупредуваат стоматолозите, така можете да ја оштетите забната глеѓ и ќе ги уништите забите.

Течни оброци

Уште една заблуда која, за жал, има сé повеќе приврзаници. Џвакањето има многу важна улога во различните процеси во организмот (на пример, за варењето е важно храната добро да се помеша со плунката која ги содржи неопходните ензими за варењето), па ако се преориентирате кон течни оброци, тоа нема да ви донесе ништо добро.

Свежа храна

Иако постојано се пласира тезата дека свежата храна е поздрава, тоа не е навистина точно. Од поединечни свежи намирници телото не може да ги искористи сите нутриенти, а постои и опасност од внесување на штетни супстанци кои инаку би биле уништени при термичката обработка.

- Реклама -