Луѓето од едно индонезиско племе можат да останат под вода и до 13 минути без воздух

СПОДЕЛЕТЕ

Познати како „морски номади“, луѓето од племето Bajau лутаат по водите на југоисточна Азија илјадници години, живеејќи во куќи-бродови и ловејќи риби по пат на слободно нуркање. Одамна се познати по нивната способност да останат долги периоди под вода, но сé до неодамна не се знаеше за колку долго всушност се работи. Откритието е изненадувачко, благо речено.

Според новообјавената студија на Универзитетот Кембриџ, луѓето од племето Bajau имаат 50% поголеми слезинки од нивните копнени соседи, а тоа игра клучна улога во тоа колку долго можат да останат под вода. Се работи за клучен ефект врз тоа што е познато како „нуркачки рефлекс“ – при што му се дава предност при дистрибуцијата на воздухот на мозокот и срцето, овозможувајќи подолг период на потопеност. Како што забавува стапката на работа на срцето, крвта е насочена кон виталните органи, а слезинката се контрахира за да истисне окислородени црвени крвни клетки во циркулацијата. Кај просечно лице, слезинката може да го зголеми нивото на кислород за 9%, но поради својата невообичаена големина, кај луѓето од племето Bajau тој процент е многу повисок.

„Нема многу информации за човечката слезина од аспект на физиологија и генетика, но знаеме дека длабоконуркачките фоки, како Weddell фоките, имаат непропорционално големи слезинки“, вели предводникот на студијата – Мелиса Илардо. „Јас размислував во насока дека ако природната селекција влијаела на фоките да ги снабди со поголеми слезинки, истото може да е случај и кај луѓето“.

Илардо, на која истражувањево ѝ било тема за докторат, поминала неколку месеци со племето Bajau во Индонезија, спроведувајќи ултразвучни скенирања и собирајќи генетски примероци, кои потоа ги споредувала со нивните копнени соседи – племето Saluan. Анализите покажале дека Bajau имале перманентно зголемени слезинки, кои не се зголемувале само кога нуркале. ДНК анализите покажале дека кај Bajau е присутен генот наречен PDE10A, кој кај припадниците на племето Saluan не бил присутен. Научниците веруваат дека овој ген е „виновен“ за големината на слезинката, преку прилагодување на нивото на тироиден хормон.

„Истражувањата кај глувците покажуваат дека тироидните хормони и големината на слезината се поврзани. Ако генетски модифицирате глувци да имаат отсуство на тироиден хормон T4, нивната слезинка е драстично намалена, но ефектот е реверзибилен – со инекција на Т4“.

Луѓето од племето Bajau не се натпреваруваат во нуркање, па тешко е прецизно да се каже колку долго можат да останат под вода. Сепак, нивните нуркачки вештини се нашироко познати, а многумина од нив тврдат дека можат да останат под вода и до 13 минути без воздух. Овие луѓе обично поминуваат и до 60% од денот под вода, нуркајќи до длабочини од 70 метри, единствено со помош на примитивна дрвена маска и импровизирани тегови за да им помогнат да нурнат побрзо.

Тешко е да се каже дали нивната способност може да биде припишана единствено на зголемената слезина, но студијата јасно покажува дека улогата на еволуираните органи е клучна, т.е., во поопшта смисла, дека кај луѓето можат да еволуираат специфични органи.

Еволуциската адаптација на племето Bajau потсетува на таа на племето Moken, кое живее на брегот на Бурма и Тајланд. Познати како „Морски Цигани“, тие имаат развиено натчовечки подводен вид кој им помага да собираат мали школки и друга храна од океанското дно, на длабочини и до 22 метри.

- Реклама -