Решивте да слабеете? Прво средете ја кујната

Според едно ново истражување, постои невообичаен начин да се спречи/намали прејадувањето, и не е поврзан со тоа колку готвите.

Во истражувањето спроведено од страна на Cornell Food and Lab Lab, 98 жени биле поделени во две групи. Жените од првата група добиле задача да ги опишат моментите во кои чувствуваат дека животот им е под контрола, а жените од другата група – моментите кога животот им делува како да им е вон контрола. Половина од испитаничките во секоја група биле сместени во расфрлана, хаотична кујна, полна со списанија, мрсни јадења и телефон што ѕвони. Другата половина – во чиста, уредена и тивка кујна. Во двете простории испитаничките на дофат имале бисквити, крекери и моркови.

Во период од само 10 минути, „немоќните“ учеснички сместени во хаотичната кујна изеле 53 калории повеќе од „немоќните“ учеснички во уредната кујна.

„Да си во хаотична средина и да се чувствуваш како да ја немаш контролата е доста лошо за исхраната во целина“, вели Лени Вартаниан, предводник на истражувањето. „Се чини дека мисловниот процес на луѓето е: Сé е надвор од контрола, па зошто да не бидам и јас?“.

Жените од групата која ги опишувала миговите кога „сé било под конец“, пак, изеле околу 100 калории помалку во хаотичната кујна, отколку жените кои ги опишувале стресните моменти.

Резултатите водат до заклучокот дека освен стресот, уреденоста на средината силно влијае врз дисциплината во исхраната, и со тоа и врз намалувањето на килограмите. Прашајте се: Уште ли сакате да живеете во расфрлана кујна? Одговорот веројатно е „не“, па затоа измијте ги садовите, избришете ги површините, и средете ја просторијата. Освен што тоа ќе ве инспирира да водите повеќе сметка за исхраната, домашната работа докажано го намалува и стресот. Сте утепале две муви со еден удар.

- Реклама -