Њујорк Тајмс: Балканот е пробен терен во новата Студена војна

Сараево – лулката на Првата светска војна.

Балканот, каде почна и Првата светска војна, стана и пробен терен во новата Студена војна со Русија, ги пренесува Њујорк Тајмс оценките на аналитичарите.

Експертите наведуваат дека Русија го шири своето влијание и ги зголемува етничките тензии во земјите кои се надеваат на влез во ЕУ, поради што Брисел и ги оживеа плановите за проширување.

Истражувачот во институтот за меѓународни односи во Прага – Марк Галеоти, оценува дека по здружената реакција на Западот кон труењето на Сергеј Скрипал „Балканот стана уште поважен“.

Во статија за Европскиот совет за надворешни односи (European Council on Foreign Relations), Галеоти оценува дека „Русија го гледа Балканот како бојно поле за својата ‘политичка војна”, во настојување да го оттргне вниманието и да создаде „потенцијални чипови за преговарање со Европската унија“.

Чарлс Капчан, директор за Европа во Советот за национална безбедност во Белата Куќа за време на Барак Обама, вели дека „Русите ја користат приликата во последниот дел од Западна Европа кој и понатаму е политички дисфункционален“.

Ситуацијата на Балканот личи донекаде на таа на Украина, каде Русија прво прифати Киев да се доближи до ЕУ, но не и до НАТО, а потоа го промени ставот, што доведе до соборување на прорускиот режим, а потоа и анексија на Крим. На Балканот, натегањето со Русија има потенцијал да посее нова нестабилност во регионот, кој и натаму се опоравува од војните во ’90-тите во кои се распадна Југославија, наведува Њујорк Тајмс.

БиХ, која некако беше споена во 1995 година на крајот на војната, и натаму останува кршлива конструкција поткопана од корупција, слабо водство, и етнички и национални тензии, што е метафора за целиот Балкан, наведува весникот.

Грчки протести против нашето име.

Тоа е една од клучните точки кои Русија настојува да ги искористи, вели Капчан, додавајќи дека другите клучни точки се Македонија, Косово и Србија. Европската унија им понуди нова шанса на земјите од Западен Балкан да влезат, но никој не верува дека тие земји се подготвени за ЕУ, наведува ЊТ.

Весникот наведува и дека со излегувањето на Велика Британија од ЕУ и обидите на Русија да ги искористи пукнатините во регионот, ЕУ изнела детален план за Балканот, при што Србија и Црна Гора би можеле да влезат во Унијата до 2025 година. Во меѓувреме, за Балканот се заинтересираа и Американците.

Новото интересирање на Вашингтон потекнува од загриженоста од ширење на руското влијание, наведува Рос Џонсон од центарот Вилсон, додавајќи дека Конгресот на САД бара од Пентагон да изнесе „проценка на безбедносната соработка на Западниот Балкан и Русија“.

Галеоти оценува дека Русија се обидува да го најде своето место и во владите и во компаниите на Западен Балкан, така што кога тие земји ќе влезат во ЕУ, со себе да го внесат и руското влијание. Тој оценува дека ЕУ не е доволно внимателна кога се работи за Србија, каде Русија има клучни инвестиции во инфраструктурата, и посебно во енергетиката.

„Политиката на ЕУ генерално беше да се поддржи што и да е тоа што ќе го држи Западниот Балкан мирен. Тоа е многу опасно и создава совршено опкружување за Москва да ја игра својата игра“, истакнува Галеоти.

Ибар, реката која ја дели Митровица на Косово на српски и албански дел.

Тој, како и други аналитичари, вели дека Брисел треба повеќе да понуди, со нудење на вистински иницијативи за институционални реформи, и вистински казни за нивно неисполнување.

Поранешно американско официјално лице, кое бара да остане анонимно, вели дека Балканот е ново бојно поле за Студената војна, и додава дека Брисел бил премногу ригиден во начините на кои се обидувал да го одржи регионот на правиот пат. Тој вели дека реформи се спроведувани само кога Брисел и Вашингтон заедно работеле и ги приморувале лидерите да отстапат од старите навики со корупција, заробени држави, политизирано судство и руски компании кои се обидуваат да ја преземат клучната инфраструктура и медиумите.

Капчан донекаде е и оптимист. Вели дека сите знаат дека приказната ќе заврши со интеграција на сите поранешни југословенски републики во ЕУ, а единствено прашање е само „КОГА“.

- Реклама -