Не сте го виделе пеколот додека не ја решите сложувалкава

Сложувалки се ефикасен метод на арчење време, а според повеќето фанови – и добар начин за смирување нерви. Не и Pure Hell.

Креирана од садистичките умови на Beverly Japan, Pure Hell (превод: „чист пекол“) доаѓа во варијанти од 1.000 и 2.000 есктра мали делови од кои сите се во една иста боја, без нијанси.

Ако судите по кутијата, ќе ви изгледа дека сите парчиња се исти и дека всушност сложувалката ќе ја решите за брзо време, практично како и да ја наредите. Ама не. Тоа е само илузија. Парчињата всушност доаѓаат во 7 различни форми, секоја со суптилни разлики од другите.

Во пракса, тоа значи дека често ќе бидете сигурни дека сте го нашле правото делче, само за да се покаже дека некако тешко и криво влегува на местото – што значи дека или треба да продолжите со потрагата по вистинското, или ризикувате да ја наредите целата сложувалка погрешно и тоа да го сфатите дури при крајот. Не за џабе се вика Pure Hell.

На Amazon се продаваат за едно 20-30 долари, а ќе наидете на прилично интересни рецензии:

„Оваа сложувалка е Ѓаволот лично реинкарниран во нежив објект. Ако не прочитате мој апдејт на рецензијава за 6 месеци од сега, ве молам пратете помош“ – пишува извесна Alessandra B.

„Досега поминав 17 месеци, една сопруга, две работи и две (речиси) девојки. 7.000 потрошени долари на достава на храна, 12 пакувања фластери за прсти и целата надеж и молитви што можев да ги понудам. Сепак, и покрај сé, имам комплетирано само една и пол страна. Некој нека ме убие, ве молам“ – Todd L.

„Ја купив сложувалкава зашто мојот тим на работа решаваше по една сложувалка од 1.000 парчиња неделно. Pure Hell инстантно им ја поремети серијата. Во првиот месец успешно споија само околу десетина конекции, и тоа откако ги поделија парчињата во помали сложувалки врз база на шемата на позадината. На крајот се откажаа и наместо тоа фатија да работат“ – That Fancy Fish.

Ете, сега кога знаете дека справава за мачење постои, ваше е да ја употребите на кого сакате.

- Реклама -