Турчинот што изгуби 127 влезници за Баерн – Бешикташ во ЛШ

Ерден Бесли е стален навивач на Бешикташ со привремена работа во Германија. Со оглед на околностите, имал совршен план да изненади преку стотина свои пријатели и колеги.

За дуелот од осминафиналето во Лигата на шампиони меѓу Баерн Минхен и турскиот Бешикташ, кој вечерва се игра на Алијанц Арена во Минхен, Турчинот преку еBay купил дури 127 влезници. За жал, натпреварот ќе го гледа на телевизија.

Ден пред натпреварот, Ерден поминал да ги подигне билетите. Попат на враќање поминал во локалниот супермаркет. Сакајќи да ги стави купените намирници во гепекот, кутијата со билети ја извадил (нормално дека му била во гепек, не ќе ги остави на видик за да го ограбат) и привремено ја ставил на кровот. Ги товарил намирниците, затворил гепек и си тргнал дома.

Забележувате, не се спомнува моментот кога ги вратил билетите во гепекот…

„Си дадов автогол. Многу сум тажен што толку скапо платив за еден момент невнимание“, вели Бесли. Локалните медиуми шпекулираат дека на влезниците потрошил над 10.000 евра.

Кога му текнало што направил и се вратил на местото сметајќи дека влезниците паднале од кровот при самото тргнување, на паркингот нашол само празна кутија. Тоа значи дека или еден куп среќници ќе одат гага на Баерн – Бешикташ, или еден среќен наоѓач ќе се опари продавајќи ги на црно.

Локалната полиција издала официјално соопштение за потрага по изгубените влезници, ама веќе знаете колкави се шансите да ги најдат.

 

- Реклама -