Норвежанката што ќе плати 26.000 евра за пијано возење

СПОДЕЛЕТЕ

22-годишна студентка од Норвешка е казнета за возење во пијана состојба. Ја чека вкупна казна од 250.000 круни (околу 26.000 евра).

Сепак, нема потреба да ја жалиме. Се работи за Катарина Андерсен, која е најбогатата жена во Норвешка, со салдо од 1.23 милијарди долари, според Forbes.

Андерсен паднала на алко-тестот со 0.06% алкохол во крвта (0.6 промили), што е трипати над дозволеното во Норвешка, која со дозволен лимит од 0.2 промили е една од најстрогите во Европа.

Што се однесува до казната, висината на износот во Норвешка се одредува според приходите и финансиската состојба на прекршителот (за сличен пример пишувавме и во „Финска – домот на сообраќајни казни и од 91.600 евра“ (клик)). Со други зборови, ако биле земени во предвид активите на Андeрсен, казната можела да достигне и до 40 милиони круни (4.1 милиони евра), според Градскиот совет во Осло, а пренесува весникот Finansavisen. Среќна околност за неа е што сé уште „нема поднесено никакви дивиденди“, т.е. нема фиксен приход.

Сепак, казната е покачена до сумата од 26.000 евра бидејќи е земена во предвид нејзината финансиска состојба. Згора на тоа, Андерсен добила и забрана за возење од 13 месеци.

Во нормални случаи, норвешките судии ги казнуваат пијаните возачи со сума 1.5 пати поголема од нивните месечни примања, со тоа што имаат право да ја зголемат сумата во зависност од тоа што сметаат дека е „реалната финансиска состојба на прекршителот“.

Според Forbes Андерсен е втората најмлада милијардерка во светот. Во 2007 година, Андерсен од татко ѝ наследи 42% од семејната инвестициона компанија.

- Реклама -