Асирски предбрачен договор, стар 4.000 години

СПОДЕЛЕТЕ

Неодамна турските археолози, при анализата на еден 4.000 години стар асирски таблет, открија нешто многу интересно. Гравурите со клинесто писмо индицираат дека се работи за вид предбрачен договор, во кој детално се регулираат разни проблеми на заедничкото живеење, од развод, па до проблеми со плодноста.

Овој конкретен таблет е најден во Kültepe-Kanesh – локалитет заштитен од УНЕСКО, во турската провинција Кајсери. Остаток е од населба на Старата асирска империја, а датира од периодот меѓу 2100-та и 1800-та година пред нашата ера. Најден е во 1925 година, заедно со 1000 други таблети испишани со клинесто писмо. Денес е изложен во Археолошкиот музеј во Истанбул, и воедно е најстариот артефакт во кој е спомната „човечка неплодност“ во историјата.

Како што рековме, нуди фасцинантен увид во бракот во асирската култура. Според професор Ахмет Беркиз од гинеколошко-акушерскиот оддел на универзитетот Харан, пишаното на таблетот вели дека ако брачниот пар не успее да зачне дете во текот на првите две години од бракот, на мажот му е дозволено да најми таканаречена „хиеродула“ – жена роб која ќе служи како мајка сурогат.

„Жената роб ќе биде ослободена по раѓањето на првото машко бебе и ќе се осигура дека семејството нема да остане без дете“, објаснува Беркиз. Во асирската моногамијата била високо ценета, но разводот не бил дозволен за неплодните двојки. Овој документ им давал можност да го продолжат бракот, а сепак семејството да не остане без потомок.

Сепак, ако строгите правила за развод биле задоволени, во таблетот се запишани условите за плаќање за двајцата сопружници. Според истражувачите, пишаното гласи: „Ако Laqipum одбере да се разведе од неа, мора да ѝ плати пет мини (асирска мерка) сребро. А ако Hatala одбере да се разведе од него, таа мора да му плати пет мини сребро. Сведоци: Маса, Ашуриштикал, Талија, Шупианика“.

Ова само покажува дека комплексното месопотамско општество имало слични проблеми и ги решавало на сличен начин како ние денес. Згора на тоа, го забележувате еднаквиот третман на мажот и жената при разводот?

- Реклама -