Портрети против клетвата на црните улични кучиња

СПОДЕЛЕТЕ

Знаевте ли дека постои синдром на црно куче (BDS)? Имено, и наводно, црните кучиња во стационарите се поретко и/или побавно посвојувани отколку кучињата „во боја“. Постојат неколку можни фактори што ја предизвикуваат таквата ненамерна дискриминација кон црните кучиња. За почеток, географскиот; во некои региони кон црните кучиња се гледа со страв, а некогаш се асоцирани и со зло и со несреќа, слично како црните мачки. Тука се и филмовите и телевизијата, каде црните кучиња обично се претставени како агресивни, за разлика од другите раси.

Но има уште еден важен фактор; многу од стационарите ги огласуваат кучињата на своите вебсајтови, од каде доаѓаат голем, ако не и најголем дел од посвојувањата. Проблемот е што црните кучиња (и општо – животни) се тешки за фотографирање, т.е. фотографот треба прилично да се потруди за тие да изгледаат доволно добро на фотографиите како нивните останати конкуренти.

Црните кучиња се подеднакво слатки и игриви, ама персоналот во стационарите има потешкотии при нивното фотографирање. А добрата фотографија е клучна за предизвикување интерес кај потенцијалниот посвојувач, констатира њујоршката фотографка Шајна Фишман. Решена да помогне, таа остварила соработка со њујоршкиот стационар и создаде фото-серија од портрети на црните и сé уште непосвоени кучиња. Насловена е „Overlooked Black Dogs“.

Од една страна, целта ѝ е да помогне во посвојувањето на конкретните субјекти. Од друга, со оглед дека е невозможно да ги фотографира сите можни црни кучиња, се надева дека ќе ја подигне свеста околу постоењето на синдромот. Тоа што го читате ова значи дека добро ѝ оди.

Патем, научни анализи што го потврдуваат овој наводен синдром баш и нема многу, но вработените во стационарите инсистираат дека проблемот постои.

- Реклама -