Во Пакистан најдоа габа што јаде пластика

Во зависност од видот на пластиката, ѝ требаат и до 1000 години комплетно да се разложи. Моменталната ситуација со пластика на планетава е лоша, но ако продолжиме со исто темпо ќе биде уште полоша. Кратко речено, се движиме кон „пластична планета“. Ќе спомнеме само дека од почетокот на производството на пластика на планетава, имаме произведено 8.3 милијарди тони. Околу 70% од таа бројка денес стои по депониите и во почвата. Повеќе детали прочитајте тука.

Веројатно веќе ја знаете славната изјава на Џорџ Карлин: „The planet is fine. The people are fucked“. Но почекајте со депресијата. Тим научници можеби го најдоа одговорот, барем што се однесува до отпадот.

Поради ксенобиотската природа – што значи дека е материјал кој не постоел пред луѓето да го синтетизираат, т.е. не е природен – пластиката е речиси невозможно да биде органски разградена. Оттаму и долгиот период на распаѓање. Но по сé изгледа, имаме сојузник во природата што ќе ни помогне да го направиме токму тоа. Научниците го нашле таму каде што е најлогично – на пластичните депонии. Се работи за Aspergillus Tubingensis – габа што разложува пластика.

Во студијата насловена „Биодеградација на полиестер полиуретан со помош на Aspergillus tubingensis“ објавена во журналот Environmental Pollution, тимот предводен од Сехрун Кан од Светскиот центар за агрошумарство проучувал примероци од депонија во Исламабад, Пакистан. Барале да видат дали има нешто што се храни со пластиката на истиот начин како што организмите се хранат со мртвите растителни или животински материи. Најдената бактерија живее во почвата и функционира така што ја колонизира самата пластика. Потоа лачи ензими кои ги уништуваат хемиските врски во полимерите. Пластиката исто така е дел од полимерите – кои се синџири од слични молекули и доаѓаат во форми на полиетилен, полистирен и полипропилен.

Не само што Aspergillus Tubingensis е габа што разложува полиестер полиуретан, туку и не ѝ треба долго време – научниците забележале значителен степен на разложување на пластичните примероци за само неколку недели.

Сега научниците работат на тоа да ги утврдат оптималните услови (температура и pH нивоа) за виреење на габата, за да можат да ја произведат во големи количини. Штом тоа ќе го постигнат, јасно е која ќе биде првата нејзина практична примена – во централите за третман (читај: уништување) на отпад, а потоа и на планините ѓубре во депониите ширум планетава.

- Реклама -