Лажниот мед по теглата се познава

СПОДЕЛЕТЕ

Сојузот на пчеларски организации на Србија (SPOS) проценува дека две-третини од медот на нивниот домашен пазар е неисправен. Најочигледниот симптом, велат, е тоа што произведувачите ги менуваат етикетите. Во вообичаена стаклена тегла од 720 милилитри обично собира еден килограм мед. Но на новите декларации на истите тие тегли, сега пишува дека теглата содржи 950 грама. Каде исчезнаа тие 50 грама?

„Постојат оправдани сомнежи“, велат од пчеларскиот сојуз, „дека тоа во теглите не е прав мед“. Медот, оној правиот, има специфична тежина што вештачкиот мед ја нема. Затоа кога ќе наполните тегла со овој вториов, не можете да стигнете до тежина од 1 килограм, наведуваат од SPOS, притоа повикувајќи ги производителите на „950-грамскиот мед“ јавно да одговорат на ова прашање.

Како да го познаеш правиот

Кристализираниот мед, од врвот до дното на теглата, е единствениот прав мед, вели Родољуб Живадиновиќ – претседател на сојузот. Во постудените скандинавски земји, каде медот кристализира многу побрзо, потрошувачите се свесни за оваа негова карактеристика и се сомневаат во секој производ кој е во течна состојба. Но практичен одговор на прашањето, вели Живадиновиќ, може да даде само акредитирана лабораторија за контрола на мед (каква што хемискиот факултет на Србија нема).

Денешните фалсификати, објаснува тој, се прават главно по пат на технологија која не дозволува кристализирање на медот. На нашиве простори се познати два начина. Едните се 100-процентните фалсификати кои немаат допирна точка со пчели (или како што вели Живадиновиќ, „немаат видено пчела“). Кај другите, пак, се додаваат разни видови шеќери – од репа, трска или глукозно-фруктозен сируп кој се добива од пченка.

Кога производителите прават мед од чист шеќер, најчесто фокусот е на тоа да се сведе сахарозата на дозволените 10%, што е дозволениот максимум на сахароза, на пример, кај багремовиот мед. Затоа државата не треба да фрла пари за скапи анализи. Доволно е да се проверат само неколку едноставни параметри, како што се сахароза, дијастаза (пчелиниот ензим во медот) и „HMF“ (т.е. хидроксиметилфурфурал). Скапите анализи се потребни само откако овие параметри ќе покажат дека има простор за сомнеж, смета Живадиновиќ.

Порано неделава, патем, српската Ветеринарна инспекција забрани продажба на ливадскиот мед „k plus“ на Меркатор. Утврдено беше дека медот отстапува од пропишаните параметри, бидејќи имал „нетипичен мирис“ и „изменет вкус“ несвојствен за ливадски мед, како и темнокафена боја. Потсетувал на загорен шеќер и бил премногу сладок. Производителот ги негираше наводите, повикувајќи се на извесна лабораторија од Бремен.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ