25 години музичка кариера на Ана и Игор Дурловски: Два концерта, две вечери исполнети со многу емоции и љубов

„Два концерта, две вечери исполнети со многу емоции и љубов. Зад овие настани стои група од луѓе и институции кои веруваат дека културата не е само настан, туку и обврска, институционална поддршка, искрено партнерство, медиумска грижа и посветеност“, напиша Дурловски на социјалната мрежа.

Тој истакна дека успехот во уметноста никогаш не е резултат на трудот на само неколкумина.

„Имавме колеги на сцената кои ја претворија нашата професија во заедничка одговорност, свесни дека музиката е најискрениот јазик, особено во моменти кога зборовите не се доволни.
Не ги наведувам имињата од почит, бидејќи кога уметноста успева, тоа никогаш не е дело само на неколку луѓе. Ви благодарам“, дополни Дурловски.

Познатата оперска двојка, Ана и Игор Дурловски, изведе избор на љубовни песни од македонската музичка традиција во нови аранжмани, создадени специјално за оваа пригода од композиторот Сони Петровски.

Со овие два концерта, Ана и Игор го одбележаа значајното јубилеј од 25 години уметничка дејност.