Славко Јаневски припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, којашто ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Автор е на првиот роман објавен на Македонски јазик – „Село зад седумте јасени“ (1952).
Јаневски уште од рана возраст почнал да се занимава со литература и сликарство. Бил директор и главен уредник на издавачката организација „Македонска книга, потоа уредник на списанијата Нов ден, Современост, Остен и Хоризонт. Член на Македонскиот ПЕН центар, член на МАНУ (1967), претседател на Советот на СВП, член на ДПМ од 1946 година и претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Овој уникатен творец во својот богат книжевен опус се одреди да го осмисли токму карактерот на нашиот народ и да го наслика неговиот антрополошки, етички и духовен портрет.


Јаневски е автор на многубројни книги за деца, патописна проза, збирки раскази, романи и поезија, коишто се преведени на повеќе светски јазици, а меѓу најпознатите дела се: „Село зад седумте јасени“, „Тврдоглави“, „Зад тајната врата“, „Улица“, „Шеќерна приказна“, „Девет Керубинови векови“, „Месечар“, „Две Марии“ и многу други, а песната „Цветови“ која остави белег во македонското творештво, секогаш ќе нè потсетува на една младост, на 12 скоевци, коишто своите животи ги положија за слободата за која мечтаеја.
По 60 години неуморно творештво, Јаневски остави опус од 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво.
Поради својата плодна творечка кариера, Јаневски беше одликуван со голем број награди и признанија, меѓу кои наградите „АВНОЈ“, „11 октомври“ и „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Мирослав Крлежа“, за книжевен опус на ИРО „Мисла“, „Македонско слово“.
Во негова чест во паркот „Жена-борец“ во Скопје е поставен споменик изработен од академик Томе Серафимовски. Покрај тоа, во негова чест е именувана и читална во Скопје, која беше пуштена со работа во 2013 година.