24 април – денот на основањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, темелот на македонското образование

На денешен ден, 24 април 1949 година, во Скопје се одржа првото Универзитетско собрание, со што почнува важната приказна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – најстарата и најголемата високообразовна институција во нашата земја.

Универзитетот се формираше со само три факултети, поставувајќи темел за современото високо образование на македонски јазик. Во текот на годините, тој континуирано се развиваше и стана значаен академски и научен центар, кој денес обединува 23 факултети, бројни научни институти и дополнителни институции.

Во 1969 година, по повод 20-годишнината од своето постоење, овој универзитет го доби името „Кирил и Методиј“, во чест на славните просветители. Од 12 ноември 1992 година, неговото име е проширено во денешната форма – „Св. Кирил и Методиј“.

Прочитајте и:  Два медали за македонските каратисти на Универзијадата во Бразил

Првиот ректор на универзитетот беше Кирил Миљовски, а денес на чело на оваа реномирана институција стои Билјана Ангелова. Со своето долгогодишно постоење, УКИМ игра клучна улога во образованието и научниот напредок на државата.

Денешниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ е не само симбол на традицијата, туку и пример за современо образование, истражување и меѓународна соработка, што е потврдено и преку неговото присуство на глобалните универзитетски рангирања.

Годишнината од неговото формирање е потсетник за важноста на образованието како двигател на општествениот развој и иднината на Македонија.