На Софија не ѝ треба посредник за решавање на спорот со Скопје, вели шефот на бугарската дипломатија за предлогот на Орбан

Тој ова го кажал во изјава за БГНЕС, а по повод предлогот што унгарскиот премиер, Виктор Орбан денеска му го претставил на неговиот македонски колега, Христијан Мицкоски за време на средбата во Охрид, дека Будимпешта е подготвена да го искористи своето претседавање со Европската Унија и да биде посредник меѓу Скопје и Софија за наоѓање решени за спорот

Министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Иван Кондов отфрла посредништво од трети страни за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.  

Министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Иван Кондов / Фото: Архива

„Европскиот договор со Република Северна Македонија е јасен. На Бугарија не ѝ требаат посредници во овој процес“,

изјавил Кондов за бугарската новинска агенција БГНЕС

Повод за изјавата на Кондов е предлогот што унгарскиот премиер, Виктор Орбан денеска му го претставил на неговиот македонски колега, Христијан Мицкоски за време на средбата во Охрид, дека Будимпешта е подготвена да го искористи своето претседавање со Европската Унија и да биде посредник меѓу Скопје и Софија за наоѓање решени за спорот.  

„Следниот чекор е, на некој начин, да се спогодат со Бугарија, а јас за тоа имам предлог што му го пренесов на премиерот Мицкоски. Му кажав дека сме подготвени да го искористиме претседавањето со Европската Унија и да посредуваме во ова прашање“,

изјави Орбан на прес-конференцијата по средбата со Мицкоски и заедничката меѓувладина седница. 

Дали С Македонија и Бугарија ќе го прифатат ваквиот предлог, унгарскиот премиер рече дека тоа е работа на двете земји.    

„Но, ние сме подготвени и сакаме да работиме на тоа да се најде решение какво што ќе им одговара и на Македонија и на Бугарија, но тоа е работа на страните што се во судир“,

додаде Орбан. 

Зачленувањето на Македонија во Европската Унија и претседавањето на Унгарија со ЕУ, како што посоочи унгарскиот премиер, била најважната тема на денешната средба со премиерот Мицкоски.  

Орбан од вчера со владина делегација е во официјална дводневна посета на земјава, а прашањето за членството на земјава во ЕУ дополнително доби фокус по одлуката на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во ЕУ, за одвојување на Албанија и С Македонија на патот кон Унијата.

 

- Реклама -