Јанев им порача на граѓаните на Тетово и околината дека „полицијата е целосно мобилизирана и посветена“ за да се осигура и испорача безбедноста во регионот.
„Не смее да дозволиме стравот и насилството на поединци да ја нарушат секојдневната сигурност и мирот во заедницата. На сторителите, како и на сите кои мислат дека со оружје можат да решаваат спорови, јас им порачувам дека ќе бидат пронајдени, изведени пред правдата и строго санкционирани. Полицијата активираше сите потребни служби за да ги фати сите инволвирани во овој инцидент. Безбедноста е наша заедничка одговорност“, изјави директорот на БЈБ.
Тој ги повика граѓаните, не само од Тетово, туку и од целата земја, да соработуваат со полицијата и да пријавуваат информации за „заеднички да создадеме средина без криминал и насилство“.
„Само заедно можеме да се спротивставиме на оние поединци и групи кои не ги делат нашите чесни вредности. Македонија и сите нејзини граѓани заслужуваат мир и спокој, а полицијата е тука за да го осигури тоа“, додаде Јанев.
Според информациите од СВР Тетово, во врска со вчерашната вооружена престрелка, три лица се лишени од слобода. При претрес на неколку локации во селото Гајре, пронајдени се предмети важни за истрагата. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и пронаоѓање на предмети и други лица кои биле вклучени во настанот.




