(ФОТО) Мицкоски: Со Мајкл Ватли во ВИП-ложата ги следиме инаугуративните активности на Доналд Трамп

Мицкоски не пишува од која ВИП-ложа ги следел активностите на Трамп, но според фотографиите, станува збор за „Капитал уан арена“ (Capital One Arena), каде беа собрани поддржувачи на Трамп и го очекуваа обраќањето на новиот претседател. Како што информираа од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски бил единствен лидер од Балканот кој присуствувал на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп

Премиерот Христијан Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук објави дека заедно со претседателот на Републиканската партија на САД ги следеле инаугуративните активности на Доналд Трамп.

„Заедно со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли во ВИП-ложата во Вашингтон ги следиме инаугуративните активности на новиот американски претседател“,

напиша Мицкоски на Фејсбук.

Мицкоски не пишува од која ВИП-ложа ги следел активностите на Трамп, но според фотографиите, станува збор за „Капитал уан арена“ (Capital One Arena), каде беа собрани поддржувачи на Трамп и го очекуваа обраќањето на новиот претседател.

Премиерот Мицкоски не присуствуваше на самиот чин на заклетва на Доналд Трамп кој се случи во Капитол Хил во присуство на раководствата на Сенатот и Претставничкиот дом, досегашните и поранешни претседатели и потпретседатели, членови на новиот владин тим на Трамп, членови на семејството, судии во Врховниот суд…

Мицкоски, кој е во работна посета на САД и беше најавено дека ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон, денеска се сретна и со Ричард Гренел, претседателски пратеник за специјални мисии и политика.

Како што информираше премиерот на Фејсбук, двајцата разговарале за предизвиците со кои се соочува Македонија поврзани со членството во Европската Унија.

„Имав средба со Ричард Гренел, поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба, а сега во новата администрација нов претседателски пратеник за специјални мисии и политика. Разговаравме за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочуваме како држава и нашето остварување на стратешките интереси врзани со членството во Европската Унија“,

објави Мицкоски на својата официјална страница на Фејсбук.

Мицкоски вчера во Вашингтон се сретна со Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов – американски бизнисмен со македонско потекло, сопственик на повеќе мултимилионски компани, Марко Галина – бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија и Крис Павловски, сопственик на групацијата „Рамбл“.

Како што информираа од ВМРО-ДПМНЕ, средбите на премиерот биле во функција на искористување на потенцијалот во економските односи како и за обезбедување на поддршка на процесот на проширување на ЕУ.

Оттаму нагласија дека Мицкоски бил единствен лидер од Балканот кој присуствувал на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

- Реклама -