Управен оформи предмети за седумте тужби на „Европскиот фронт“ против решенијата на ДИК

На својата веб-страница, Судот преку соопштение информира дека оформил ист број на предмети согласно поднесените тужби од „Европскиот фронт“ и дека ги презема сите дејствија согласно Изборниот законик

По поднесени седум тужби од страна на коалицијата „Европски фронт“ против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) за одбивање на приговорите за парламентарните избори, Управниот суд попладнево информира дека оформил ист број на предмети и дека ги презема сите дејствија согласно Изборниот законик.

„Со оглед на роковите за постапување и одлучување, Управниот суд итно ги презема сите процесни дејствија согласно Изборниот законик“,

се вели во соопштението од претседателот на Управен суд, Бурим Сејдини.

Во соопштението се наведени и броевите под кои се заведени оформените предмети.

Претходно денеска од Управен информираа дека до тој момент е оформен само еден предмет за тужбата поднесена од коалицијата „Вреди“, а која се однесува на одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) за гласањето во Долна Бањица, Гостиварско.

Во меѓувреме, попладнево Управниот суд одржа јавна седница по тужбата на „Вреди“. Судот одлучи дека постапката се прекинува откако претставникот на коалицијата изјави дека тужбата ја повлекува во целост. Засега не се познати причините поради кои „Вреди“ ја повлече тужбата против решенијата на ДИК.

- Реклама -