Со паролите „Ние сме гласот на Фросина“ и „Валкани пари – смртни последици“, стотици граѓани денеска во Скопје излегоа на протестен марш поради трагичната смрт на младата Фросина Кулакова.
Протестот започна пред Универзална сала, каде се собраа нејзини пријатели, семејството, но и загрижени граѓани кои бараат правда за 22-годишната девојка.Таа на 29 јануари беше прегазена додека поминувала на пешачки премин, од автомобил управуван од 20-годишниот Васил Јованов, кој, според официјални информации, немал возачка дозвола, бил под дејство на алкохол и поминал на црвено светло.
Демонстрантите продолжија кон Владата, Собранието и Апелациониот суд, испраќајќи јасна порака за построги казни и одговорност од надлежните институции. Протестот предизвика големо внимание во јавноста, а граѓаните упатија критики за нефункционалниот систем кој, според нив, премногу често ги остава ваквите случаи неказнети.
Овој случај предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде многумина повикуваат на итни законски измени и затегнување на казнената политика за несовесни возачи.Во исто време, неколку невладини организации веќе најавија дополнителни акции во следниот период, со цел да се подигне свеста за безбедноста во сообраќајот.