Трамп: Зеленски е „диктатор без избори

Трамп: Зеленски е „диктатор без избори

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп жестоко го нападна украинскиот лидер Володимир Зеленски преку својата социјална мрежа „TruthSocial“. Во своите коментари, Трамп тврди дека Зеленски нема доволна поддршка меѓу граѓаните, повикувајќи се на последните анкети. Одговорот на Зеленски не доцнеше – тој порача дека нема намера да се повлече и дека Трамп е под влијание на руска пропаганда.

Трамп возврати со остра изјава, сугерирајќи дека Зеленски се покажал способен само за „манипулација со Бајден“.

„Замислете, човек кој некогаш беше актер во комични серии, успеа да ги убеди САД да потрошат 350 милијарди долари на конфликт кој нема добитник – војна што никогаш не требаше ни да започне. Оваа војна, која Америка и Трамп можат да ја решат, од простата причина што без нив ништо не би се случило. Америка вложи речиси 200 милијарди повеќе од Европа, нашите ресурси се загрозени, а ние за возврат не добиваме ништо. Зошто Бајден не бараше компромис, со оглед на тоа што оваа војна далеку повеќе ѝ тежи на Европа отколку на нас? Нас нè дели голем океан од конфликтот. На крајот, самиот Зеленски призна дека огромен дел од парите исчезнале. Тој одбива да организира избори, има ниска поддршка, а единственото нешто во што е навистина успешен е „вртењето на Бајден на мал прст“, напиша Трамп.

Во својот говор, Трамп го нарече Зеленски „диктатор кој бега од избори“ и го предупреди дека треба да дејствува побрзо ако не сака да ја загуби државата.

„Во меѓувреме, ние активно работиме на преговори за ставање крај на војната со Русија – единствено нашата администрација може да направи вистинска разлика. Бајден никогаш не ни се обиде. Европа не успеа да воспостави баланс, а Зеленски можеби сака да продолжи да го ужива американското финансирање. Јас искрено ја поддржувам Украина, но Зеленски ја водеше државата катастрофално – уништени градови, милиони жртви и сето тоа без вистинска причина“, додаде Трамп.

Во рамките на Минхенската безбедносна конференција што се одржа минатата недела, специјалниот пратеник на Трамп – Кит Келог, ја потврди намерата Европа да остане само во советодавна улога кога станува збор за мировните разговори за Украина.

Од друга страна, првата рунда преговори меѓу претставници на САД и Русија започна на 18 февруари во Ријад, Саудиска Арабија. Зеленски пак, изјави дека Украина не ги признава овие разговори иако првично планираше да биде присутен во Ријад, но во последен момент ја откажа посетата.