Трагедија во Тетово: исчезнатиот маж пронајден мртов со прострелна рана во главата

Пронајдено тело на маж од Тетово

Денес попладне, полицијата од Тетово откри тело на 42-годишен маж, кој синоќа беше пријавен за исчезнат. Според првичните информации од Министерството за внатрешни работи, мажот бил пронајден застрелан во својот џип „Ауди Q5“ во атарот на селото Нераште.

Случајот беше пријавен рано утрово, околу 2 часот, кога сопругата на исчезнатиот, Б.Б., информираше дека нејзиниот партнер, А.Б., излегол од дома вчера околу 18 часот и не се јавувал на телефон. По неколку часовна потрага, околу 16:15 часот, полициските службеници од Полициското одделение Теарце забележале паркирано возило „Ауди“ со тетовски регистерски таблички во ниви во близина на Нераште.

Внатре во возилото бил пронајден маж кој не давал знаци на живот. На предното стакло имало видлив отвор од проектил, а жртвата беше облеана во крв околу главата, што, според МВР, создава основано сомневање дека станува збор за убиство со огнено оружје. Екипа од Итната медицинска помош констатирала смрт на лице место.

По наредба на јавен обвинител, извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово, при што било потврдено дека станува збор за исчезнатиот А.Б. Полицијата и обвинителството интензивно работат на расветлување на случајот, но засега не се објавуваат детали за можен мотив или осомничени.