Тилда Свинтон ја доби почесната „Златна мечка“ за животно дело

Тилда Свинтон ја доби почесната „Златна мечка“ за животно дело

Годинашното 75-то издание на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, познато како Берлинале, беше свечено отворено синоќа, а посебен момент на вечерта беше доделувањето на почесната награда „Златна мечка“ на шкотската актерка Тилда Свинтон.

Режисерот Едвард Бергер, кој учествуваше на церемонијата, истакна дека малкумина во светот на филмот се толку тесно поврзани со Берлинале како што е Свинтон. Таа, пак, во својот говор за прием на наградата, го пофали фестивалот нарекувајќи го „место без граници, без политика на исклучување, дискриминација или принудни депортации“, алудирајќи на глобалните предизвици со миграцијата и репресивните политики.

Во својата инспиративна порака, актерката ја нагласи моќта на независната кинематографија, опишувајќи ја како простор кој не подлежи на ограничувања, окупации или присвојувања. Таа јасно зборуваше и за моменталните глобални кризи, истакнувајќи дека светот е сведок на трагедии кои не смеат да останат игнорирани. Свинтон ги повика уметниците и јавноста критички да размислуваат и да се спротивстават на насилните политики на владите, кои, според неа, се водени од алчност и тесни интереси.

По доделувањето на престижната награда,присутните имаа можност да присуствуваат на проекцијата на најновото остварување на германскиот режисер Том Тиквер,насловено „Светлина“. Покрај тоа, вечерта беше обележана и со реакциите на нападот во Минхен, каде што маж од авганистанско потекло повреди голем број луѓе при намерен судир со автомобил.

Свеченоста донесе и изрази солидарност со израелскиот актер Давид Куни, кој во моментов се наоѓа во заложништво. Новата директорка на Берлинале, Триша Татл, заедно со дел од присутните уметници, упати пораки за поддршка.

Берлинале и оваа година го потврди својот имиџ на фестивал кој силно ги истакнува актуелните политички и општествени прашања. Непосредно пред отворањето, група демонстранти излегоа со транспаренти повикувајќи на поддршка за палестинското прашање, со натписи „Слободна Палестина“.