Денеска во Судот на Босна и Херцеговина ќе биде завршена судската постапка против лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, кој е обвинет за непочитување на одлуките на високиот претставник. Тој и неговите најблиски соработници најавија дека ќе преземат „радикални мерки“ доколку биде прогласен за виновен и осуден.
Завршното рочиште, кое ги опфаќа излагањата на обвинителството и одбраната, се однесува и на директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ. Доколку расправата биде завршена денес, судијата Сена Узуновиќ може веднаш да ја соопшти пресудата или тоа да го стори во рок од три работни дена, што значи најдоцна до 25 февруари.
Додик и Лукиќ се обвинети за тоа што во Службен весник биле објавени два закона,усвоени од Парламентот на Република Српска во 2023 година,иако високиот претставник Кристијан Шмит претходно ги поништил. Обвинителството на БиХ поднесе обвинение против нив во август 2023 година, а судската постапка започна во февруари 2024 година.
Според законите во БиХ, непочитувањето на одлуките на високиот претставник претставува кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години. Доколку судот донесе осудителна пресуда за Додик, тоа автоматски ќе значи негово отповикување од функцијата претседател на Република Српска.
Вечерта во понеделникот, Додик во Бања Лука одржа состанок со своите најблиски соработници зад затворени врати, каде што беше дискутирано како ќе реагираат доколку биде осуден. По состанокот, во јавноста беше испратено соопштение кое содржеше остри пораки и предупредувања, при што потенцијалната пресуда против Додик беше окарактеризирана како „државен удар“.
„Националното собрание, Владата и сите институции на Република Српска ќе преземат решителни чекори во случај на осудителна пресуда. Исто така, сите српски претставници во заедничките институции на БиХ ќе се повлечат и ќе ја прекинат својата работа,“ се наведува во соопштението.