Познатата пејачка и актерка Селена Гомез вчера сподели трогателно видео во кое зборува за депортациите што се случуваат во САД.
Гомез,која има мексиканско потекло,емотивно го сподели својот став за имиграциските рации,изразувајќи длабока загриженост за семејствата кои се соочуваат со разделби.Со солзи на очите, таа зборуваше за последиците од неодамнешните апсења, при што минатиот викенд биле приведени 956 лица во рок од само три дена.
„Ова ми го крши срцето. Мојот народ е изложен на притисок. Децата… Не можам да разберам што се случува. Навистина ми е жал, иако би сакала да направам нешто повеќе“, изјави Гомез во снимката.
По објавувањето на видеото, таа се соочи со остри реакции од јавноста.Некои корисници дури направија пародии на нејзината изјава.По неколку часа, Гомез го отстрани видеото и сподели порака во која напиша: „Очигледно, покажувањето емпатија не е добро прифатено денес“.
Еден од најгласните критичари на нејзиниот став беше кандидатот за Сенат, Сем Паркер, кој на социјалните мрежи објави порака во која саркастично порача: „Депортирајте ја Селена Гомез“. Паркер, кој е познат поддржувач на поранешниот претседател Доналд Трамп, доби брз одговор од Гомез, која му напиша: „О, господине Паркер, ви благодарам за смеата и заканата“.
Селена Гомез долго време отворено зборува за правата на мигрантите и ја нагласува важноста на поддршката за оние кои бараат подобар живот во САД.
„Знам дека системот има недостатоци и дека се неопходни одредени правила, но не смееме да заборавиме дека оваа земја е изградена од луѓе кои дошле од различни краеви на светот“, истакна Гомез во една од своите изјави.