Пред почетокот на судскиот процес, судиите и обвинителите јасно и гласно им ветиле на присутните дека ќе се одржуваат две рочишта неделно, без одложувања по неоправдани причини, и дека строго ќе се контролираат лекарските оправдувања, нивната цел и точност, како и во која мера одговараат на фактичката и здравствената состојба на обвинетите.
„Денес се прашуваме: каде се тие ветувања? Гледаме одложувања и оправдувања. Во јануари, се одржа само едно рочиште. Во февруари досега имаше две, а до крајот на месецот е закажано уште едно – ако воопшто се одржи. Затоа прашуваме: каде е ветената динамика? Каде е најавеното темпо од две рочишта неделно? Гледаме обвинети кои, одеднаш, од здрави, стануваат “болни” и предаваат медицинска документација за која не знаеме дали е основана. Ова буди сомнеж дека ваквите дејствија само одолговлекуваат постапката“, истакна Александар Наунов, татко на починатата Надица, пред Основниот суд во Кочани.
Во името на родителите на настраданите, Наунов изрази загриженост за привилегиите кои не смеат да постојат. Според него, првоосомничениот добил опомена само откако му бил пронајден телефон во ќелијата.
„Се поставува прашањето: дали навистина се спроведува редовна контрола во притворот? Што се случува со телефоните на првоосомничениот? Дали е направена целосна обработка и дали е извлечена целата достапна комуникација? Прашањето е и дали е прифатливо осомничено лице во ваква трагедија да помине само со опомена, или требало да следи казна со краток престој во самица? Ова не враќа доверба, туку отвора сомнежи. Бараме одговори“, побара Наунов, таткото на загинатото девојче.
На оние кои тврдат дека случајот „Пулс“ е толку „климав“ и ќе падне, Наунов им порача да запомнат: „Под тие скали не лежи предмет, не лежи бројка, не лежи статистика. Под тие скали лежат 63 млади животи, 63 недоискажани соништа, 63 светови коишто згаснаа за миг, 63 семејства кои никогаш повеќе нема да бидат цели. Тоа не се имиња на лист хартии. Тоа се свети имиња — вредни за почит, за достоинство и за вистина“.
„Ако ветивте динамика — покажете ја. Ако ветивте контрола — спроведете ја. Ако ветивте правда — испорачајте ја. Нашето трпение е на крај, но нашата борба за правда не запира. Ќе следиме, ќе прашуваме, ќе зборуваме. Правдата за ‘Пулс’ мора да се случи. Без одлагање. Без изговори. Без компромиси“, заклучи Александар Наунов на крајот од своето обраќање пред кочанскиот Основен суд.




