„Театарот е должен да се занимава со вистински и актуелни теми. Тоа му е мисијата. Не треба да се однесуваме како да имаме сите одговори, туку да поставуваме прашања и да разговараме за нив. Театарот е како животот – треба да ја живее сегашноста, тука и сега. Сето друго е формалност… Понекогаш се прашувам како цивилизација, која ги има Достоевски, Толстој, Рацин и Шекспир, може да биде само фабрика за војни и детски солзи…“, вели во разговорот со весникот ВЕЧЕР, реномираниот македонски театарски режисер Дејан Пројковски, чија претстава „Мајка Храброст и нејзините деца“, изведена од страна на Новосадскиот театар, Србија, ќе се одржи на 25 ноември во 20 часот на големата сцена на Македонскиот народен театар во рамките на фестивалот Млад отворен театар.
Даниела ТРАЈКОВСКА
Под мотото „Нашите во светот“, јубилејното 50. издание на фестивалот „Млад отворен театар“ (19-25 ноември) ја прославува интернационалната видливост на македонската театарска култура и ја истакнува вредноста на уметниците од нашата средина кои се етаблирале во европските и регионалните театри. Токму со Дејан Пројковски, еден од најзначајните театарски режисери во Македонија, разговараме за различни аспекти на театралниот живот. Неговите претстави, полни со динамика, емоции и визуелна убавина, добро се познати низ Балканот и пошироко. Тој е еден од најпосакуваните режисери, не само во домашните, туку и во странските театарски куќи, поради енергијата што ја пренесува на актерите и на публиката, која со нетрпение чека секоја негова нова претстава.
Минатата година, на МОТ се претставивте со „Ана Каренина“, изведба на Новосадскиот театар, која имаше огромен успех. Со вашата нова претстава „Мајка Храброст и нејзините деца“ од Бертолд Брехт, исто така во продукција на Новосадскиот театар, фестивалот ќе биде затворен. Каков е досегашниот одговор од публиката и критиката по премиерата на 20 мај?
Во Новосадскиот театар сум поставил три претстави. „Ана Каренина“ е најнаградувана претстава во историјата на нивниот театар. „Ричард Трети“ беше прогласена за најдобра на фестивалот на унгарски театри. Двете драма учествуваа на театарската олимпијада. Новосадскиот театар има неверојатно посветен актерски ансамбл, и тука ги создавав некои од моите најдобри проекти. Секој проект таму е театарска лабораторија во која заедно создадеме нова естетика и актерски израз. „Мајка Храброст“ е мојата најнова претстава, која беше одлично примена од публиката и критиката.

Како дојде до оваа нова соработка со Новосадскиот театар? Зошто избравте Брехт и каква е актуелноста на темата војна денес? Која е пораката на оваа поставка во современото општество?
„Мајка Храброст и нејзините деца“ е драма која е и денес актуелна, како што беше и кога Брехт ја напиша. Живееме во специфични времиња, каде што времето се мери според војните и жртвите. Историјата не нè научи како да се промениме на подобро. Човештвото лесно заборава и повторно се враќа на истите состојби. Светот постојано создава крв и детски солзи. Достоевски нè потсетува дека никаков идеал не вреди кога ќе падне само една детска солза. „Мајка Храброст“ е огледало кое ја открива вистината за општеството и човечката природа. Таа, како и човештвото, постојано ја губи својата суштина. Живееме во свет на формалности, без суштина, каде што сè се препакува. Претставата е анти-воена драма, но и антидрама со структура на античка трагедија, во која катарзата се трансформира во V-ефект – ефект на отуѓување помеѓу актерите и публиката.
Секоја ваша претстава, по некое непишано правило, станува хит што ги освои наградите на фестивалите. Каков е вашиот рецепт за успешна претстава?
Секогаш започнувам од себеси, старајќи се да станам подобар и да се изменам. Потребно е театарот да зборува за важни и актуелни теми, да изрази она за што другите молчат. Негова мисија е да поставува прашања и да дискутира за нив. Театарот е живот – треба да живее во сегашноста, тука и сега. Сè друго е формалност. Оваа година реализирав две важни претстави: „УНА“ во Звездара театар, која се занимава со индивидуалната борба против системот, и „Мајка Храброст“, што го истражува војната и бесмисленоста на човештвото.
Дали е потешко да се создава претстава во вашата земја или надвор, во поглед на очекувањата на публиката?
Трудот ми е да создам театар кој ме инспирира и ми носи радост, бидејќи само така можам да создадам претстави што ќе резонираат со публиката. Уметноста е маратони, а најтежок натпревар е оној со самиот себеси.
Како ги избирате текстовите за вашите режији, со оглед на широкиот спектар на драмски автори? Што ве поттикнува да се зафатите со одреден театарски проект?
Клучно е да работиме на теми што нè допираат и ни се важни. Само така можеме да создадеме автентичен театарски израз. Претставата треба да биде интимна исповед на опредеена тема, а кога сè тоа е исполнето, публиката веднаш го чувствува и препознава. За мене, квалитетот на посветеноста е од најголема важност. Среќен сум што работам со актери кои ја доживуваат театарската уметност како личен идентитет.

Во моментов работите на претставата „Црнила“ во Прилепскиот театар, но во минатото слушнавме многу за вашите проекти. Зошто често бевте присутни во странски театри отколку во домашните?
Имав период кога се чувствував како странец во сопствениот театар. Но, тоа е нешто што некогаш другите треба да го објаснат. Научив дека простувањето е една од највисоките доблести на човештвото, а како што рече Меша Селимовиќ: „Ќе простам, но нема да заборавам.”
Дали веќе имате планови за нови соработки, дома и во странство? Кое дело би сакале да го преточите во претстава?
Во наредниот период имам планирани претстави во Турција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, како и мастер класови во Будимпешта и Букурешт, плус една голема копродукција со актери од регионот.
На крајот од годината е најавена претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето“ во Македонскиот народен театар, која исто така вие ја режирате. Како напредуваат подготовките?
Сега сме во фаза на продукциски подготовки, бидејќи станува збор за многу комплексен сценски спектакл. Скоро ќе почнеме со пробите на мизансцената. Основната идеја е да се создаде мултимедијален спектакл, кој ќе овозможи соединение на минатото и сегашноста преку клучните вредности на Македонскиот народен театар. Публиката ќе доживее аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија и ликовна уметност, создавајќи приказна посветена на големите актери, режисери и
драматурзи, но и на сите оние што учествуваат во создавањето на сценскиот универзум во МНТ.
Легенда:
Постот (Интервју) Пројковски: Театарот треба да го каже она за што другите молчат првично е објавен на Вечер …1963 | Vecer MK.




