Денес, во 75-та година од животот, почина Драган Б. Костиќ, истакнат македонски музички новинар и радиоводител, еден од најкарактеристичните гласови во историјата на македонското радио.
Тажната вест ја објави неговиот син, Бане Костиќ, преку социјалните мрежи:
„Со длабока тага ви соопштуваме дека утринава замина Драган Костиќ – сопруг, татко и дедо. Поменот ќе се одржи утре, недела, 21 декември, од 12:30 до 13:30 часот, во капелата на гробиштата Бутел. Семејството упатува најдлабока благодарност до целиот тим и раководството на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата и посветеноста. Нека му биде вечна слава. Патувај мирно, Диско селекторе.“
Драган Б. Костиќ е роден на 10 јуни 1950 година во Скопје. Неговата значајна кариера започна во Македонското радио, каде остави длабока трага во историјата на радиофонијата.
Најпознат е по авторството и водителството на култните радио-емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“.
„Диско селектор“ започна да се емитува на 29 јуни 1974 година и со текот на времето стана значаен дел од музичкиот контекст за многу генерации слушатели. Емисијата „Заборави ако можеш“ започна во 1991 година и до 31 октомври 2013 година достигна до 4.500-то издание.
По повод 30 години од „Диско селектор“, во јуни 2004 година Костиќ организираше голема музичка забавата на лизгалиштето во Скопје, со продадени околу 6.500 влезници – настан кој се памети како еден од најмасовните музички случувања.
Покрај овие емисии, тој е автор и на бројни други радиоформати, како што се „Радиоурнебес“, „Пријатели, добар ден“ и квизот „Јас ли сум на ред“. Драган Костиќ е исто така познат како страстен колекционер на музика, со импозантна колекција од над еден милион аудио записи, сметана за една од најголемите во регионот.
Во 2018 година ја започна и телевизиската емисија „Б со точка“ на Телевизија 24, која се емитуваше во две сезони до 2019 година.
Во 2024 година, на големиот музички настан „Последниот танц“ во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, Драган Б. Костиќ ја одбележа својата 50-годишна кариера, симболично заокружувајќи еден извонреден живот посветен на музиката.
Со неговото заминување, македонската културна сцена изгуби еден од своите највлијателни и најзабележителни гласови.




