Општина Чешиново – Облешево побара помош од државните тела во борбата против поплавите.

Веќе неколку дена на терен работи градежна механизација, а пумпите на Територијалната противпожарна единица од Кочани активно се ангажирани. Со оваа акција се настојува да се санираат штетите и да се спречи влезот на водата од каналите и реките во селата.

Кризниот штаб на Општината Чешиново-Облешево е присутен на терен, а градоначалникот Јорданчо Костадинов бара помош од државните институции за справување со поплавите.

„Со ограничените ресурси што ги имаме во Јавното комунално претпријатие, веќе неколку дена се соочуваме со овој проблем и настојуваме да пронајдеме соодветни решенија. Иако сме на терен со нашите капацитети, морам да повикам на целата јавност да вложи напори за поддршка на нашата општина, бидејќи нашите ресурси не се доволни за решавање на оваа ситуација“, истакна градоначалникот на Општината Чешиново-Облешево.

Мештаните на Чешиново и Облешево сметаат дека причината за поплавите во нивните села се неисчистените канали, што според нив, се повторува со години.

Во понеделник, во поплавеното подрачје ќе биде формирана комисија, а граѓаните ќе имаат можност да пријавуваат штети.