Во декември, издавачката куќа „Или-Или“ најави два нови преводи на дела од еден од најзначајните регионални автори, босанскохерцеговскиот писател Дарко Цвијетиќ. Преводите се на романите „Шиндлеровиот лифт“, во превод на Елизабета Баковска (поддржан од Традуки), и „Зошто наземи спиеш“, во превод на Калина Буневска Исаковска. Дизајнот на кориците е изработен од Соња Станковска.
Романот „Шиндлеровиот лифт“ донесе на Цвијетиќ многу признанија, меѓу кои и „Кочиќево перо“ (Бања Лука/Белград), наградата „Фриц“ (Мирослав Крлежа) за најдобра прозна фикција во Хрватска за 2019 година, како и престижната книжевна награда „Ангелус“ (2025) во Вроцлав. Според мотивите на овој роман, во Сараево е поставена истоимената претстава во „Камерен театар 55“ под режија на Кокан Младеновиќ.
Романот „Зошто наземи спиеш“ беше финалист на НИН-овата награда во 2020 година. Според истите мотиви, во соработка на театрите Гавела, Српскиот народен театар од Нови Сад и Народниот театар од Сараево, е реализирана истоимената претстава во која главната улога ја игра самиот Цвијетиќ.
Кога станува збор за искуствата од крвавата војна во поранешна Југославија низ погледот на обичниот човек, романите на Дарко Цвијетиќ се токму тоа што е потребно. Неговата неформална книжевна трилогија е завршена со романот „Премногу ми е тоа. Осум девојчиња“ (2024), кој издавачката куќа „Или-Или“ планира да го објави следната година.
Дарко Цвијетиќ (1968, Љубија Рудник) е познат босанскохерцеговски прозаист, поет и театарски режисер. Има објавено десетина стихозбирки, две збирки кратки раскази и три романи. Во театарот, режирал од Бекет до Чехов, а глумел во улогите на Раскољников, Новски и Естрагон. Тој е член на ПЕН центарот на БИХ, Друштвото на писатели на БИХ и Хрватското друштво на писателите. Со својот уникатен стил и длабока емпатија за „малите луѓе“ во историјата, Цвијетиќ е еден од највлијателните современи гласови во босанската и регионалната литература. Неговите дела се преведени на неколку странски јазици, а самиот се смета за постјугословенски писател.




