Оваа законска мерка ќе осигури дека сите финансиски средства ќе останат во границите на Македонија, со што ќе се создадат нови работни можности, ќе се зголеми приливот на девизи и ќе се поттикне економскиот напредок, нагласи вицепремиерот Николоски.
Сакам да изразам благодарност за општествената одговорност што ја покажува компанијата. На состанокот на Комисијата за економски системи и тековна економска политика, која ја водам во рамките на Владата, во понеделникот, со задоволство можам да истакнам дека Костал е првата компанија што се согласи глобалниот корпоративен данок да го плаќа во Македонија. Ова ќе обезбеди дополнителни приходи за државниот буџет,а во наредните години очекувам зајакнување на соработката,отворање нови работни позиции,зголемување на извозот и подобрување на економските показатели. Владата останува посветен партнер на компаниите, изјави вицепремиерот Николоски.
Денеска, тој учествуваше на глобалниот самит за добавувачи и логистика во рамките на Групацијата Костал, каде што нагласи дека овој настан претставува значајна можност за домашните мали и средни претпријатија да се вклучат во поширокиот деловен екосистем.
Овој состанок гледам како одлична можност за македонските мали и средни компании, кои можат да најдат свое место во синџирот на снабдување на Групацијата Костал. Тоа ќе резултира со нови работни позиции, поддршка за семејните бизниси и развој на малите и средни претпријатија, што од своја страна ќе придонесе за натамошен економски раст.Заедно со тимот на Костал, веќе водиме разговори за проширување на инвестициите, што беше истакнато и од страна на менаџментот. Подготвени сме да дадеме поддршка во сите сегменти каде што можеме да помогнеме, додаде вицепремиерот Николоски.




