На 10 јуни (среда), со почеток во 19:00 часот, во Центарот за култура – Дебар, ќе се одржи уникатниот мултимедијален концерт под наслов „Неми слики – жива музика“, посветен на уметноста на немиот филм.
На сцената ќе настапи Пламенка Трајковска со гудачки квартет, која во живо ќе изведува музика синхронизирана со проекција на внимателно избрани неми филмови. Овој концерт е редок момент за публиката да ужива во спојот на филмската и музичката уметност, кој потсетува на традицијата од почетокот на 20 век, кога музиката била неразделен дел од секоја филмска проекција.

Настанот е организиран од Центарот за култура – Дебар и има поддршка од Министерството за култура и туризам.
Автор на овој проект е Пламенка Трајковска, виолинистка и композиторка, членка на Филхармонијата и основачка на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Во својата долгогодишна кариера, таа е реализирала бројни оригинални концертни и мултимедијални проекти, чие цел е да ја приближи класичната музика до пошироката публика преку современи и иновативни концепти.
Во составот на гудачкиот квартет настапуваат: Пламенка Трајковска – виолина, Милена Гиевска Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.

На програмата ќе бидат вклучени најпознатите музички теми поврзани со ерата на немиот филм, регтајм композиции, како и оригинална музика за нем филм од Пламенка Трајковска, специјално компонирана и аранжирана за гудачки квартет.
Немиот филм е еден од најзначајните културни наследства од почетокот на минатиот век, а музиката во него игра клучна улога. Изведбата на оригиналната и адаптираната музика во живо, во синхронизација со филмската проекција, ја претставува уметничката иновација, создавајќи ново и автентично концертно искуство.
Проектот „Неми слики – жива музика“ ја афирмира класичната музика во современиот контекст и отвора нови можности за нејзино приближување до различни генерации, соединувајќи ја филмската уметност, музичката традиција и современата концертна интерпретација.




