Муцунски: Нема прифаќање решение или компромис под уцена

Муцунски: Нема прифаќање решение или компромис под уцена

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека Владата нема да прифати никакво решение под уцена или притисок во однос на прашањата поврзани со Бугарија.

„Сакаме процес кој е предвидлив, со јасен почеток и јасен крај. Ние како Влада нема да прифатиме никакво решение ниту компромис што би бил донесен под уцена или притисок. Секој компромис треба да биде во согласност со реалноста во која живееме и со европските вредности за кои постојано слушаме од официјалните претставници на ЕУ. Во таа насока, разговаравме за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство“, изјави Муцунски.

Министерот потенцираше дека Македонија ќе остане цврсто на своите позиции и дека ќе ги брани интересите на сите Македонци, вклучувајќи ги и оние во дијаспората.

„Ако Европа ни зборува за примена на европски вредности, тогаш е соодветно и ние да ги браниме нашите позиции, односно правата и интересите на Македонците кои живеат во која било држава, вклучително и во Бугарија“, истакна Муцунски.

Во контекст на односите меѓу Македонија и Бугарија, деновиве стигнаа и реакции од европските институции, кои повикаа на конструктивен дијалог и надминување на разликите во духот на добрососедските односи. Европските претставници нагласуваат дека напредокот во интеграциите ќе зависи од спроведувањето на договорените реформи и добрите билатерални односи меѓу двете земји.