Муцунски: Нема да прифатиме ништо под уцена – Бугарија мора да ги почитува европските вредности

Муцунски: Нема да прифатиме ништо под уцена – Бугарија мора да ги почитува европските вредности

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во изјава за МРТ порача дека со својот бугарски колега Георг Георгиев разговарале за потребата од деблокада на македонскиот евроинтеграциски процес.

„Ние сакаме процес што е предвидлив, со јасен почеток и јасен крај. Како Влада, нема да прифатиме никакво решение или компромис што би бил направен под уцена или притисок. Секој компромис мора да биде во согласност со реалноста во која живееме и со европските вредности за кои Европа постојано ни зборува,“ изјави Муцунски.

Примена на европските стандарди и заштита на Македонците во Бугарија

Муцунски нагласи дека со Георгиев разговарале за почитување на европските принципи, како и за правата на македонското малцинство во Бугарија, вклучувајќи ја и обврската за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

„Кога Европа зборува за европски вредности, сосема е логично и ние да ги браниме нашите позиции, вклучително и правата на сите Македонци, без разлика каде живеат – и во Бугарија, и насекаде во светот,“ истакна министерот.

Билатералните спорови како пречка за европската иднина

Средбата меѓу министрите се одржа на маргините на Минхенската безбедносна конференција, каде што, според Министерството за надворешни работи, главниот фокус бил на билатералните разлики, бугарските пречки за напредокот на Македонија кон Европската Унија и положбата на македонското малцинство во соседната држава.

„Наместо унапредување на добрососедските односи, тие остануваат оптоварени со билатерални спорови што претставуваат непринципиелна пречка за нашата европска иднина. Сите отворени прашања мора да се решаваат одговорно, преку дијалог, заемна почит и разбирање. Вистинското добрососедство не значи блокади, туку поддршка на европските интеграции како стратешка цел на државата,“ се вели во официјалното соопштение од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Инаку, оваа средба се случува во пресрет на нови дипломатски консултации меѓу Скопје и Софија, кои ќе се одржат во наредните недели. Македонската страна инсистира на унапредување на односите врз основа на европските стандарди и меѓусебна почит.