Изложба „Поздрав од Македонија“ ја одбележа 60-годишнината од Меѓународната смотра на фолклорот во Загреб
Во полниот изложбен простор на македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб, синоќа се одржа свеченото отворање на ексклузивната изложба под наслов „Поздрав од Македонија – фотографии на македонски фолклорни групи на Меѓународната смотра на фолклорот Загреб“. Оваа изложба е реализирана во соработка со Меѓународната смотра на фолклорот и е посветена на значајниот јубилеј – 60 години од нејзиното одржување.
Изложбата е авторство на Ивона Опетческа Татарчевска, експерт за заштита на нематеријалното културно наследство во УЗКН и национален координатор за нематеријално културно наследство во УНЕСКО, како и Бојана Пољаковиќ Поповиќ, виш стручен соработник во Културниот центар Травно од Хрватска. Авторките, истражувајќи низ дигиталниот репозиториј на Смотрата, направија селекција која ја прикажува разноликоста на македонските фолклорни групи кои со години настапуваат на оваа важна културна манифестација.
На настанот присуствуваа бројни претставници од министерства, дипломатскиот кор, локалната самоуправа, културни институции, македонски здруженија во Хрватска, како и љубители на фолклорната уметност. Музичкиот дел беше обележан со настап на етно-вокалната група „Езерки“ од Загреб, која повеќе од три децении ги негува традиционалните македонски песни.
Пред присутните проговорија директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, уметничкиот директор на Меѓународната смотра на фолклорот, Твртко Зебец, како и авторките на изложбата. Тие ги објаснија концептот и значењето на оваа внимателно селектирана изложба, која, покрај класичните печатени фотографии, содржи и дигитални содржини.
Изложбата беше официјално отворена од амбасадорот на Македонија во Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, кој упати честитки по повод 60-годишнината од Меѓународната смотра на фолклорот Загреб. Тој истакна дека овој настан е важен за негување, зачувување и презентирање на традиционалното културно наследство.
„Вклучувањето на оваа изложба во редовната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, заедно со поддршката од Министерството за култура и туризам, е одраз на нашата посветеност кон афирмација на македонското културно наследство и унапредување на културната соработка со важни хрватски институции“, изјави директорката Ѓоргоска Илиевска.
Уметничкиот директор на Меѓународната смотра на фолклорот, проф. д-р Твртко Зебец, ги изрази своите задоволства од успешната соработка со македонскиот КИЦ и нагласи важноста на културното поврзување.
Оваа мултимедијална изложба содржи избор од 60 печатени фотографии и стотици дигитални записи, како и оригинални носии и материјали од љубители на фолклорот. Изложбата е значајно потврдување на културното богатство на Македонија и Н.Е. Драган Ѓурчевски заврши со зборовите дека македонскиот фолклор е еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет.




