Додека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) сè повеќе тоне во долгови и јавноста дебатира за можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање, директорот Никола Мемов упорно молчи за бројните злоупотреби кои биле регистрирани во институцијата.
Ревизорските извештаи покажаа сериозни нерегуларности во работењето на Фондот за време на мандатот на претходниот директор Дритан Беџити, кадар на партијата на Африм Гаши. Иако неговото назначување за директор било спроведено без неопходната согласност од Владата, тоа не го спречило да врши незаконски исплати на награди за вработените без јасно утврдени критериуми.
Со таквите исплати, преку 206 лица противзаконски стекнале финансиска корист, со суми кои се движеле од 3.000 до 12.000 денари по лице. Исплатите се вршеле без регулирање преку интерни акти, иако Колективниот договор прецизно утврдува под кои услови може да се доделуваат награди на вработените. Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) потврдил дека преку договори за дело е направена финансиска штета на буџетот во износ од над 22 илјади евра, додека вкупниот износ на штетите од исплатените награди сè уште не е утврден.
Освен тоа, буџетот на Фондот бил оштетен со набавка на ИТ-опрема, од која дел воопшто не бил функционален, а службените мобилни телефони биле користени над дозволените лимити, што довело до дополнителни финансиски трошоци. Дополнителни сомнежи за ненаменско трошење пари се појавуваат и во врска со лошото менаџирање на домовите за стари лица, како и со склучувањето на договор за закуп со сестрата на поранешниот директор во траење од 20 години.
И покрај тоа што минатата година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањата (според член 353 од Кривичниот законик), досега нема никакви резултати од надлежните институции.
Партијата Левица го повикува актуелниот директор Никола Мемов од редовите на ЗНАМ јавно да одговори на прашањето: Дали непостапувањето по овие случаи значи дека се врши заштита на неговиот претходник, кој доаѓа од партија со која тие соработуваат во коалиција?
Во поширокиот контекст, дебатата околу финансиите на ПИОМ е сè поактуелна, особено поради најавите дека Владата размислува за реформи кои ќе значат подигнување на старосната граница за пензионирање. Ова дополнително предизвикува револт кај граѓаните,кои сведочат како нивните придонеси се злоупотребуваат преку вакви коруптивни практики,наместо да бидат наменети за стабилизирање на пензискиот систем.




