Новиот стадион на Евертон, лоциран во Брамли-Мур Док, прими 10.000 навивачи на пробен настан – пријателски натпревар на младинскиот тим до 18 години против Виган Атлетик. Овој тест-меч доаѓа во период кога клубот се подготвува за напуштање на историскиот „Гудисон Парк“ по завршувањето на оваа сезона.
Конструкцијата на модерниот стадион, кој има капацитет од 52.888 седишта, траеше четири години и чинеше речиси 800 милиони фунти (приближно 1,01 милијарда долари), според податоците на британските медиуми. Освен што ќе биде новиот дом на Евертон, овој објект ќе биде и еден од стадионите што ќе бидат користени за дуели од Европското првенство во 2028 година.
„Оној што го осмисли овој стадион навистина направи неверојатна работа. Трибините буквално се над вас, па кога местото ќе биде исполнето следната сезона, ќе создаде атмосфера што ќе биде вистински предизвик за гостинските тимови“, изјави Кит Саутерн, тренерот на младинскиот тим, во разговор за клупската телевизија.
Првиот фудбалер кој постигна погодок на новиот стадион беше Харисон Ример од Виган,кој ја затресе мрежата во 12. минута. Домаќините на крајот загубија со 1:2, а почесниот гол за Евертон го постигна Реј Роберт.
Што се однесува до „Гудисон Парк“, тој останува домот на Евертон уште за кратко, откако клубот таму игра од 1892 година. Еден од последните големи настани на овој легендарен терен беше дербито одиграно во средата, кога тимот на Дејвид Мојс ремизираше 2:2 против Ливерпул. Завршниот натпревар со натпреварувачки карактер на овој стадион е закажан за 18 мај, кога Евертон ќе го пречека Саутемптон.
По ова, „Гудисон Парк“ ќе биде срушен, а на неговото место ќе никнат нови станбени и деловни објекти.