Оваа околност, односно дека претседателското место во Комисијата за социјална политика, демографија и млади му припаѓа на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, на брифинг со новинарите пред Нова година го појасни и претседателот на Собранието, Африм Гаши
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ попладнево на прес-конференција го поздрави гласањето за интерпелација на Даути и рече дека сега одговорноста е на мнозинството да изгласа нов претседател на собраниската Комисијата и да се одблокира постапката околу Законот за бранителите
Изгласувањето на интерпелацијата на пратеничката Илире Дауити, значи дека таа повеќе нема да раководи, односно да биде претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
Интерпелацијата за Дауити што во ноември ја поднесе Левица, а се најде на пленарна седница на закондавниот дом, прва во новата година, ја поддржаа, 61 пратеник. За, условно кажано, разрешувањето на пратеничката од функцијата во Комисијата, покрај пратеници на Левица гласаа и нивни колеги од владејчките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
Сега, по изгласувањето на интерпелацијата на Даути, пратениците ќе треба да изберат нов претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
И новиот претседател на оваа Комисија треба да дојде од редовите од опозицскиот „Европски фронт“, на кој му припаѓа и разрешената Даути.
Ова на брифинг со новинарите пред Нова година го појасни и претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Интерпелацијата на Даути, за која собраниското мнозинство денеска се изјасни дека е основана, беше поднесена, затоа што, како што образложи пратеникот на Левица, Сашко Јанчев на денешната седница, таа како претседателка на Комисјата за социјална политика, демографија и млади со нејзиното несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување ја кочела постапката за носење на Законот за бранители со тоа што одби да го стави на дневен ред на Комисијата.
Даути во своја одбрана од собраниската говорница денеска рече дека целта на интерпелацијата е демонстрирање сила и диктат кон работата на пратениците што размилсуваат поинаку. Таа повтори дека Законот за бранители никогаш нема да дојде на дневен ред ако еднакви права не добијат и припадниците на ОНА. Во таа насока, таа ги праша пратениците на Левица дали се срамат истите зборови за мајоризација и дискриминација кон Албанците да ги слушаат и нивните деца.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ попладнево на прес-конференција го поздрави гласањето за интерпелација на Даути и посочи дека со тоа е пресечен голем јаз околу Законот за бранителите, кој беше поднесен, а потоа блокиран преку оваа Комисија.
„Ние го поздравуваме денешното гласање на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ за оваа интерпелацијата, која сметаме дека се случи преку проактивноста и притисокот што ги наметна Левица. Но, и понатаму стои проблемот, а тој проблем се вика Африм Гаши. За Законот за задолжување за која не беше свикана Комисијата за финансирање и буџет, слична ситуација како ова со пратеничката Илире Даути, претседателот на Собранието на своја рака ја закажа седницата за да помине Законот. Проблемот Африм Гаши уште постои и да потсетиме дека за неговата интерпелација ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ не најдоа храброст да гласаат. Сега одговорноста е на мнозинството. Додека за опозициската СДСМ сметаме дека причината која тие ја изнесоа беше апсолутно нерелевантна. Ја покажува нивната сервилност и кукавичлук затоа што очигледно дека во минатите два дена ако имаа координирани напади помеѓу СДСМ и ДУИ тоа беше да се испере нивната пасивност и невозможноста да се излезе од матрицата на ДУИ“,
рече Мециновиќ
Тој нагласи дека сега одговорноста е на мнозинството која треба да изгласа нов претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади.
„Се надеваме дека мнозинството ќе најде храброст да го одблокира овој процес и да се донесе Законот, а не да се оставаат преседани кои го фаворизираат самоволието на претседателите на комисиите. Топката сега е потполно кај мнозинството кое всушност треба да изгласа нов претседател на Комисијата за да продолжи работата во еден нормален тек“,
рече пратеникот на Левица.
Инаку, пред да се усвои дневниот ред на 29. седница пратениците на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја напуштија собраниската сала. Координаторот на пратеничката група на опозициската партија,Оливер Спасовски соопшти дека нема да ги поддржат четирите интерпелации за членовите на Владата, поднесени од коалицијата „Европски фронт“, затоа што сметаат дека нема потреба од нови поделби по етничка основа во однос на интерплациите.
Во однос на интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Спасовски не даде конкретен одговор околу ставот на СДСМ, но рече дека нејзиното изгласување нема да го реши проблемот. Според Спасовоски вистинското прашање за надминување на темите што значат функционирање на Собранието не се само претседателите на комисиите, туку, како што рече, „вистинското лице, вистинската одговорност и вистинското име и презиме е Африм Гаши“
Пратеникот на Левица, Мециновиќ упати апел до пратениците на СДСМ да се пробудат од, како што рече, зимскиот сон и да почнат да ја следат опозициската борба која Левица ја води во Собранието.