Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј синоќа за првпат јавно зборуваше во врска со контроверзијата што ја предизвика промоцијата на криптовалутата либра ($LIBRA) за време на викендот, пренесува аргентинскиот весник „Кларин“.
Во интервју за телевизискиот канал „Тодо Нотисиас“, Милеј ја минимизираше целата ситуација, правејќи споредба со коцкањето: „Ако решите да играте во казино и на крај загубите пари, нема простор за поплаки – однапред сте биле свесни за ризикот и правилата“.
Тој нагласи дека оние што учествувале во тргувањето со криптовалутата – чиешто вреднување во почетокот нагло се зголеми, а потоа исто толку брзо падна бидејќи многумина повлекоа средства – „сосема биле свесни за тоа во што влегуваат и ја презеле одлуката од своја волја“.
– Ова е исклучиво прашање меѓу приватни инвеститори. Државата во оваа ситуација нема никаква улога, изјави тој, обидувајќи се да ја дистанцира аргентинската влада од какви било сомнежи за можен обид за измама.
Покрај тоа, претседателот категорично ја отфрли можноста дека лично добил каков било финансиски надомест за рекламирањето на криптовалутата $LIBRA. Според него, целта била едноставно да ја сподели информацијата за нешто што, според неговото согледување, изгледало како профитабилна можност.
– Сите учесници знаеја многу добро во што се впуштаат. Не може да се каже дека не биле свесни за ризиците, подвлече аргентинскиот лидер.
Во меѓувреме, аргентински судија доби задача да ја води истрагата поврзана со односот на претседателот со криптовалутата $LIBRA, откако беа поднесени наводи за можно незаконско постапување.
Федералната судијка Марија Сервини вчера беше избрана по случаен избор да ја предводи истрагата, чијашто цел е да утврди дали Милеј прекршил законски норми со своите постапки.
Некои опозициски политичари веќе изразија загриженост дека, зависно од резултатите на истрагата, претседателот би можел дури и да се соочи со судска постапка за негово разрешување.
Целиот овој скандал започна во петокот, кога криптовалутата $LIBRA официјално беше пуштена во употреба. Претседателот ја искористи својата платформа на социјалната мрежа Икс за да ја поддржи новата дигитална валута, тврдејќи дека нејзината цел е да го поттикне „економскиот развој преку инвестирање во мали претпријатија и стартапи“.
Благодарение на ваквата поддршка од политичка фигура со висок профил, криптовалутата за кратко време достигна пазарна капитализација од 4 милијарди долари. Сепак,нејзината вредност брзо почна да се намалува,поради што некои ја оценија како потенцијална финансиска манипулација.