Албанскиот премиер Еди Рама, говорејќи на панелот „Проширување на ЕУ“ на безбедносната конференција во Минхен, изјави дека изборот на Доналд Трамп за претседател на САД е „најдарежливиот божји чин кон Европската унија“.
Тој нагласи дека изборот на Трамп треба да биде сигнал за Европа да се разбуди и да престане да биде „толку самореферентна“. Според него,ЕУ треба да освежи својот пристап кон глобалните односи и да се прилагоди на новите реалности.
„Изборот на Трамп е можност Европа да престане да биде самозадоволна и да почне да размислува пошироко. Вредностите и принципите на Европската унија се важни, но тие не треба да бидат препрека за градење пријателски односи со други земји, дури и ако имаат различни ставови за тоа како треба да се води општеството“, изјави Рама.
Тој, исто така, потенцираше дека Европа треба да се фокусира на економска моќ и конкурентност, бидејќи без силна економија, Унијата нема да може да оствари други цели. „Западен Балкан во моментов е тло на можности“, додаде тој.
Во однос на неодамнешните шпекулации дека Албанија може да стане засолниште за палестински бегалци, Рама беше дециден дека американската влада сè уште нема поднесено официјално барање во таа насока, но доколку тоа се случи, одговорот ќе биде „Не!“.
Во меѓувреме,се зголемува загриженоста во Европа за можните последици од американските претседателски избори. Европските лидери се подготвуваат за различни сценарија поврзани со резултатите од изборите во САД, особено во однос на безбедносните прашања и трансатлантските односи.