Зеленски има рејтинг 57%, избори по војната

Зеленски има рејтинг 57%, избори по војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ужива поддршка од 57 проценти од граѓаните, покажува новата анкета која беше објавена денес. Овој резултат доаѓа само неколку часа по изјавата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој тврдеше дека рејтингот на Зеленски е едвај 4 проценти.

Истражувањето,спроведено преку телефонска анкета од страна на Киевскиот меѓународен институт за социологија,вклучува 1.000 испитаници. Според добиените податоци, 57 отсто од граѓаните имаат доверба во Зеленски, додека 37 проценти изразиле спротивно мислење. Преостанатиот дел од испитаниците не биле сигурни во својот став.

Анкетата исто така открива дека во однос на последното истражување од декември, поддршката за Зеленски е зголемена за 5 проценти, и тоа и покрај тешкотиите со кои се соочува Украина на бојното поле.

Прочитајте и:  Украинската власт: Киев веќе доби 90 проценти од средствата од замрзнати имоти на Русија

По почетокот на руската инвазија во март 2022 година, довербата во украинскиот претседател драстично порасна на 90 проценти, потсетуваат од институтот. Според истражувачите, Зеленски досега успеал да задржи релативно високо ниво на поддршка меѓу населението.

Најниско ниво на доверба има во јужните и источните делови на Украина, каде 55 проценти од граѓаните изјавуваат дека го поддржуваат претседателот.

Согласно украинскиот закон, претседателски избори не можат да се одржат додека трае вонредната состојба, која е во сила од 24 февруари 2022 година.

Во нормални околности, мандатот на Зеленски требаше да заврши во мај минатата година. Според резултатите од анкетата, мнозинството граѓани сè уште сметаат дека изборите треба да се организираат дури откако ќе заврши војната.