Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска во Судот на Босна и Херцеговина во Сараево изјави дека Обвинителството на БиХ, поведувајќи постапка против него, не нападнало само него лично, туку и институцијата претседател, како и останатите институции на Република Српска.
Во завршниот збор на судскиот процес каде што му се суди за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Додик го обвини државното обвинителство дека ја поткопува уставната структура на Република Српска, а со тоа и Уставот на БиХ. Според него, обвинителството се обидува да им даде легитимитет на, како што нагласи, „нелегалните одлуки“ донесени од страна на високиот претставник Кристијан Шмит.
– Наместо јас да бидам овде, тие (обвинителите) треба да бидат на ова место. Јас ја претставувам Република Српска, но останува нејасно во чиј интерес работи Обвинителството – изјави Додик.
Тој се обрати директно до судијата Сена Узуновиќ, велејќи дека доколку покаже еден правно валиден документ во кој Шмит е назначен за висок претставник, веднаш ќе ја напушти политиката и ќе прифати затворска казна.
Додик уште еднаш повтори дека не го признава легитимитетот на Кристијан Шмит како висок претставник, нагласувајќи дека неговиот мандат не бил потврден од Советот за безбедност на Обединетите нации. Тој истакна дека Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИК) не поседува овластувања за именување високи претставници.
Тој додаде дека никогаш нема да дозволи да биде понижен „клекнувајќи пред странски функционер“. Објасни дека со потпишувањето на указот за објавување на законите кои Народното собрание на РС ги донело, а кои подоцна биле укинати од Шмит, само постапувал според уставните надлежности.
Судскиот процес против него го нарече „пример за злоупотреба“, нагласувајќи дека во оваа политичка борба ќе истрае до самиот крај.
– Не изнесувам закани, но целосно сум подготвен да одам до крај во оваа политичка битка – изјави Додик.
Од друга страна, Обвинителството на БиХ во своите завршни аргументи побара судот да го осуди Додик, како и вршителот на должноста директор на Службен весник на РС, Милош Лукиќ, на затворски казни.Освен тоа, побара и десетгодишна забрана за вршење јавна функција и престанок на нивните тековни должности.
Адвокатот на Додик, Горан Бубиќ, побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека процесот е мотивиран од политички причини и има за цел да го отстрани Додик од политичката сцена, отворајќи пат за централизирање на БиХ.
По завршувањето на завршните зборови на двете страни, судијата има рок од три дена да ја донесе конечната пресуда.
Обојцата обвинети,Додик и Лукиќ,се товарат за непочитување на одлуките на високиот претставник,што според Кривичниот законик на БиХ предвидува казна затвор од шест месеци до пет години,како и забрана за вршење јавни функции.




