Дисциплинска мерка по исвирканата химна: Шкендија под истрага со шест случаи

Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Македонија по разгледувањето на службените извештаи и информации поврзани со финалниот натпревар во Купот на Македонија, кој се одигра меѓу ФК Силекс и ФК Шкендија, донесе следните одлуки:

– Да се поведе дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради непочитување на националната химна, исвиркување и одсуство на навивачите за време на нејзиното интонирање.

– Да се поведе дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради употреба на пиротехнички средства на натпреварот (вклучувајќи 34 големи бакљи, 19 мали бакљи, 8 топовски удари и 14 дветлечки бакљи).

– Да се поведе дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД за националистичко скандирање.

– Да се поведе дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради истакнување знамиња со навредлива содржина, вклучувајќи и нацистички симболи, поради кои веќе биле санкционирани од УЕФА.

– Да се поведе дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД за скандирања со навредливи пораки кон ФФМ.

– Да се поведе дисциплинска постапка против ФК Шкендија АД поради одбивање да ги примат медалите, како и поради недолично однесување на фудбалерите и официјалните лица на клубот за време на церемонијата по завршувањето на натпреварот.

– Да се поведе дисциплинска постапка против ФК Силекс АД поради националистички извици и употреба на пиротехнички средства.

Фудбалската федерација на Македонија изразува длабока загриженост и разочараност поради однесувањето на некои учесници од натпреварот, особено од страна на раководството и фудбалерите на ФК Шкендија, кои јасно го нарушија угледот на македонскиот фудбал. Финалето требаше да биде празник на спортот, а не сцена на недолично однесување.

ФФМ вложи значителни напори за организирање на натпреварот во фер и спортска атмосфера, со високи стандарди на безбедност и организација. За жал, јавноста беше сведок на неодговорно и неприфатливо поведување кое не смее да има место на фудбалските терени.

Неумесно е поединци и структури од управата, наместо да придонесат за смирување на тензиите, да поттикnuваат поделби и провокации, барајќи оправдувања за сопствените неуспеси.

Парите не се индикатор за спортска и општа култура. Фудбалот и спортот бараат достоинство, одговорност и фер-плеј, а не навредливи коментари и неумесно однесување.

Комисијата забележа дека однесувањето на ФК Шкендија изразува презир кон Фудбалската федерација на Македонија и официјалниот протокол, за што е нужно да се преземат мерки.

Исто така, одбивањето да се придружат на церемонијата за доделување медали е знак на непочит кон противничкиот тим, бидејќи таквото однесување подразбира непризнавање на резултатот и омаловажување на постигнатиот успех.

ФФМ ја оценува последната изјава на ФК Шкендија како неоснована и неприфатлива, со содржина која навредува интелигенцијата на спортската јавност.

Фудбалската федерација на Македонија останува посветена на строго санкционирање на сите облици на недолично однесување, без оглед на клубот или поединецот.