Семејство доби 208 милиони долари отштета од Toyota

Судот во Далас одлучи: Toyota ќе треба да му плати отштета од дури 208 милиони на еден брачен пар, поради повредите со кои нивните деца се здобиле при сообраќајна несреќа.

Брачниот пар од Тексас, сопственици на автомобил од премиум марката Lexus, ја тужи компанијата Toyota (која го произведува брендот) поради повредите со кои нивните деца се здобиле додека седеле на задните седишта во Lexus-от, а настанале откако попуштиле наслоните на предните седишта. Несреќата се случила во 2016 година, кога во нивниот Lexus ES 300 (2002 година), додека стоеле во сообраќаен метеж, одзади налетал SUV Honda Pilot, пренесува AutoNews.

Од силината на ударот, наслоните на предните седишта делумно попуштиле и се навалиле наназад кон нивните деца, кои седеле врзани во детски седишта. Како што се наведува во тужбата, двете деца – тригодишно момче и петгодишно девојче – претрпеле „сериозни трауми на главата и други повреди“.

Во тужбата, Toyota се товари поради „конструктивни, дизајнерски и структурни маани“ на предните седишта на споменатиот модел на Lexus. Се наведува дека Toyota ги конструирала седиштата со јасен приоритет во случај на несреќа да се заштитат возачот и совозачот, дури и на штета на патниците на задните седишта, а дека купувачите и сопствениците на автомобилот не биле предупредени за тоа пред или при купување на моделот.

Од претставништвото на Toyota во САД изјавуваат дека „пресудата има сериозни недостатоци“ и дека, според законот, судот требало да пресуди во корист на Toyota. Компанијата ќе поднесе и жалба на првостепената пресуда, во која ќе изнесе дополнителни аргументи и ќе бара ново судење. Претставникот на автопроизводителот тврди дека повредите на децата не настанале поради наведнати предни седишта, туку како последица на ударот од друго возило одзади.

- Реклама -